УКЛО утре организира Отворен ден под мотото „Нови перспективи“

Од универзитетот најавија и музичка програма и инспиративни разговори на успешни лидери во компании, како и настани за вмрежување

фото: Универзитет „Св. Климент Охридски“ - Битола

Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола (УКЛО) утре, на 25 април, ќе одржи Отворен ден на кој ќе бидат презентирани студиските програми, а тековните и идните студенти ќе имаат шанса за дружење, како и за запознавање со кариерните можности.

Настанот ќе се одржи од 12 до 19 часот, на платото пред Офицерскиот дом во Битола.

Од Универзитетот информираат дека ја започнуваат и кампањата „From Enrollment to Employment“, при што на настанот се поканети бројни компании кои можат да бидат првото место за пракса или вработување на студентите.

„Потрагата за идеален факултет, можеш да ја завршиш во вторник, 25 април ако дојдеш на платото пред Офицерски дом во Битола, на Отворениот ден на УКЛО. Ќе ги сретнеш твоите идни професори, твоите идни колеги, а тука ќе бидат присутни и организации кои работаат на промовирање на стартап сцената која станува многу атрактивна за младите иноватори, но и личности кои работаат на проекти за вработување на младите“, велат од УКЛО во најавата на настанот.

Отворениот ден на УКЛО ќе се одржи под слоганот „Нови перспективи“, а од универзитетот најавија и музичка програма и инспиративни разговори на успешни лидери во компании, како и настани за вмрежување.