Турција: Уапсена Британка која сакала да ѝ се приклучи на ИД

Турската полиција приведе една 21-годишна британска државјанка, осомничена дека се обидела да отпатува во Сирија на територија која е под контрола на Исламска држава, соопштија денеска владини претставници.

Жената со иницијали Ј.Н.Х. е уапсена доцна синоќа, на автобуска станица во Анкара и во моментов е во притвор.
Турските официјални претставници соопштија дека ја уапсиле врз основа на информација од разузнавачките служби и оти информацијата не е добиена од британското разузнавање.

Кореспонденцијата и сликите на мобилниот телефон на уапсената укажувале на тоа дека таа планирала да отпатува на територија која е под контрола на ИД.

Минатата недела турските власти приведоа тројца британски тинејџери по доаѓањето од Шпанија, кои потоа ги депортирале во Велика Британија.