Синхронизирани на шпански и на португалски јазик, турските серии се голем хит во Јужна Америка изминатата година, пишува „Би-би-си“. Во Аргентина овие серии ги гледаат повеќе од 12 милиони луѓе, а во Чиле серијата „1001 ноќ“ била најгледана телевизиска програма во 2014 година.

Марчела Мера, 42-годишна жена од Сантијаго, вели дека ѝ се допаѓа како турските серии се фокусираат на старомодни романси наместо, како што вели, на преголемата сексуалност на Холивуд.

– Кога почнав да ги гледам овие телевизиски драми, сфатив колку сум била уморна од целото тоа насилство и секс на американската продукција – вели Мера.

Минатата година Турција заработи 250 милиони долари од продажба на ТВ-шоуа, покажуваат податоците на турското здружение на извозници (ТЕА). Во 2004 година ваквиот приход изнесувал 10.000 долари.

Турските телевизиски драми сега ги гледаат повеќе од 400 милиони луѓе во повеќе од 140 земји.