„Туристи одете си дома“: И протести и поддршка за туризмот во Шпанија

Овој викенд околу 4000 локалци и 180 локални организаци од Барселона маршираа низ улиците протесетирајќи против масовното ширење на туризмот. Од друга страна, 75 отсто од Каталонците го поддржуваат промовирањето на туризмот

Се очекува бројот на посетители во Шпанија оваа година да надмине 100 милиони | Фото: Pere López Brosa, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Веќе неколку викенди по ред илјадници луѓе од Шпанија излегуваат на улиците во Малага и Барселона, протестирајќи против активното зголемување на бројот на туристите во сите региони на Шпанија. Но, истовремено, истражувањата на јавното мислење покажуваат дека најголем дел од граѓаните ја поддржуваат промоцијата на туризмот. Се очекува бројот на посетители во Шпанија оваа година да надмине 100 милиони, што е повеќе од двојно повеќе од населението на земјата.

Овој викенд околу 4000 жители и 180 локални организаци од Барселона протесетираа против масовното ширење на туризмот во земјата. Тие со пиштоли на вода ги прскаа туристите кои седеа во рестораните, а дополнително со ленти ги затвораа влезовите и излезите на рестораните и кафулињата.

Една од причините поради кои што локалците протестираат против туристите е масовното загадување на градовите со ѓубре. Многу туристи секоја вечер пред и по забавите во ноќните глубови, фрлаат отпадоци по улиците.

Дополнителните причини, и тоа што најмногу ги повредува локалците се покачувањето на цените поради зголемениот туризам. Поскапуваат цените за изнајмување станови, цените за во маркетите, цените во рестораните.

Во текот на изминатата деценија, киријата пораснала за 68 отсто, а трошоците за купување куќа се зголемиле за 38 отсто. Апартманите за туристи, вклучително и сајтовите за изнајмување преку интернет, го оптоварија локалниот пазар на станови.

За да се бори против ова, градоначалникот на Барселона, Жауме Колбони, на 21 јуни објави дека повеќе од 10.000 туристички апартмани ќе бидат забранети до 2028 година. Ова не е првпат градоначалник на Барселона да преземе ваква акција. Во 2017 година, поранешната градоначалничка Ада Колау воведе и „антитуристички политики“.

Од друга страна, речиси 75 отсто од Каталонците се за продолжување на промовирањето на туризмот во Каталонија, чиј главен град е Барзелона. Ова го покажало истражувањето на јавното мислење од страна на државната агенција во сопственост на каталонската влада, објавено во петокот.

Сепак, половина од испитаниците сметаат дека туризмот ги ограничува активностите и јавниот простор достапен за локалното население. А 46 отсто велат дека туризмот ја достигнува својата граница во нивната област.

Од оние кои поддржуваат продолжување на промовирањето на туризмот, 24 отсто целосно се согласуваат, а 50 отсто делумно се согласуваат. Сепак, 39 отсто се делумно или целосно против.

Кои се барањата на антитуристичките протести во Барселона?

  • Повлекување на плановите за проширување на инфраструктурата на аеродромот заедно со прогресивно намалување на бројот на терминали за крстарење во пристаништето во Барселона до нивна елиминација.
  • Укинување на лиценцирани и диви туристички станови и намалување на бројот на туристички легла во градот.
  • Ограничување на јавниот простор и на големите настани.
  • Заштита на локалната трговија, подобрување на условите за работа и покачување на платите за работниците во туристичкиот сектор и стопирање на јавното финансирање на туризмот.
  • Да се ​​направи туристичката индустрија да плати за нејзината експлоатација на јавните услуги.
  • Трансформација на дел од преостанатиот туристички сектор, но ориентирана кон неопходното слободно време на населението.

Протестите се прошируваат и во други европски држави

„Не доаѓај во Париз“: Пред Олимпијадата во Париз во 2024 година, која треба да започне кон крајот на јули, дел од локалното население од францускиот град се побуни на социјланите мрежи каде што им нагласуваат на туристите да не доаѓаат во масовен број.

Антитуристички графити во Атина: Во мај 2024 година, жителите во Атина се приклучија на другите европски земји во знак на протест поради прекумерниот туризам, преку пишување графити низ грчкиот главен град.

Протести против туризмот во Венеција: Во јули 2017 година, околу 2.000 демонстранти во италијанскиот град Венеција излегоа на улиците во знак на протест против туризмот, велејќи дека тој го нарушил квалитетот на нивниот живот и животната средина.

Ограничувања на туристите во Кјото: Во декември, група жители од Гион во јапонскиот град Кјото побараа од советот да преземе мерки против туристите, што резултираше со тоа што властите на Кјото да им забранат на странските посетители да влезат во тесните улички на областа со гејши во Гион.