Тијана Цвјетичанин: Дезинформациите не се случајни, туку се поддршка на одреден политички наратив

Тијана Цвјетичанин е дел од тимот на босанските сервиси за проверка на факти „Раскринкавање“ и „Истиномјер“, како и истражувач. Таа работи на оценување на изјавите и предизборните ветувања на политичарите, како и на медиумските содржини.

Во интервју за „Мета.мк“ објаснува каква е состојбата со дезинформирањето во Босна и Херцеговина, како и какви мерки треба да се преземат за борба против лажните вести.

На почетокот, можете ли да ни кажете неколку зборови за „Raskrinkavanje”. Знаеме дека постојат неколку типови на организации што се занимаваат со проверка на факти – некои се фокусирани на медиумите, други се занимаваат со проверката на изјавите на политичарите и нивните ветувања, и т.н. Каков тип организација е „Raskrinkavanje”?

– Ние сме дел од систем што се занимава и со едното и со другото. „Istinomjer“ се занимава со проверка на изјавите на политичарите и на нивните изборни ветувања. „Raskrinkavanje” како платформа е основано во 2017 година се занимава исклучиво со известувањето на медиумите, односно медиумски fact-checking. Значи, нешто што е објавено како медиумска информија се проверува и оценува со една од 13-те оценки што ги имаме.

Десет медиуми во БиХ кои објавиле најмногу политички дезинформации

Значи, не оценуваме само нешто што е потполно неточно, нешто што е потполно неточна и измислена информација, туку се трудиме да ги пофаќаме нијансите на различните видови манипулации или дезинформации што се јавуваат во медиумскиот простор. Имаме оценки како, да речеме, „теорија на заговор“, „псевдонаука“, „манипулација со фактите“ и низа други коишто настојуваат да го покријат целиот спектар на некоректни или залажувачки информации во медиумскиот простор.

Според Вашето искуство, односно досегашната работа на платформата, кои се најчестите дезинформации? Во Македонија, на пример, е многу честа појавата на т.н. „click-bait“ – насловот ќе почне со „Турбосензационално“, „Мегаскандалозно“, па уследува некое тврдење, а кога ќе се прочита текстот, тој најчесто е сосема коректен….

– Click-bait и кај нас е најчестиот тип дезинформација. Click-bait-от се јавува насекаде, од оние легитимни медиуми до анонимните портали коишто не се медиуми, ама така се претставуваат. Така што, тоа е најчестиот тип. Ние имаме статистика и истражување кое се појави во април годинава во кое прецизно е дадено кои видови дезинформации се најчести.

Кој е најчестиот извор на дезинформации? Дали се тоа странски извори? Сега во регионот преовладува мислењето дека се наоѓаме на линијата на фронтот на информативна специјална војна што ја водат големите сили… Дали преовладуваат домашните извори, така да се каже, дали станува збор пред сѐ за „домашно производство“ или пак за „увезена стока“.

– Зависи од тоа за кои дезинформации зборуваме. Ако станува збор за локалната политичка сцена, тогаш најчестиот извор се локалните медиуми. Ако станува збор за теми коишто се глобални, тогаше се меѓународните извори. Има и од едното и од другото.

Ако зборуваме за Босна, во нашиот медиумски простор околните држави се многу чест извор на дезинформации за политиката. Во најголем број случаи Србија, но и Хрватска, значи од регионот, од окружувањето. Ако гледаме пошироко, да речеме за вакцинирањето, теориите на заговор како што се „Фармацевтската мафија го знае лекот за рак, ама не дозволува да се дознае за него“ – тој вид приказни се глобални. Нивните извори се најчесто вон нашето говорно подрачје. Конкретно, изворите за вакви приказни се најчесто на англиски, бидејќи најголемиот дел од луѓето тука знаат да преведат од англиски, така што сопствениците на тие анонимни сајтови го имаат тоа како еден бескраен извор на глупости што ги претставуваат како вести. Неколку од тие се псевдонаучни сајтови – меѓу нив има и такви што беа поврзани со руската кампања пред изборите во САД. На пример, некогашниот сајт “YourNewsWire” е непресушен извор на дезинформации за домашните портали.

Парови на медиуми во БиХ кои објавиле иста дезинформација најмалку 4 пати

Исто така, што се однесува до политика, псевдонаука и се живо и диво, некогаш откриваме извори во Чешка, некогаш во САД… Зависи од темата и што и како патувало. Некои од тие дезинформации се глобални. Некои, на пример, дошле од Индонезија. Но во оној момент кога ќе се преведат на англиски, стануваат достапни на нашите „порталџии“ коишто ги преведуваат и ги објавуваат. Тоа е тоа што се однесува до географски извори на дезинформациите. Изворите се насекаде.

Што се однесува пак до изворите во смисла на вид на медиуми, изворите во најголем број случаи се анонимен портал. Тие не се медиуми. Кај нив не работи некој што би можел да се нарече новинарка или новинар. Тоа е, значи, портал што некој го направил за да заработува пари на AdSens или GoogleAds.

Дали често традиционалните медиуми знаат „да се уловат“ на тие приказни? Што прават традиционалните медиуми во случаите кога самите, или благодарение на работата на платформи како што е Raskrinkavanje, ќе откријат дека нешто што објавиле е всушност дезинформација, нешто што не го провериле?

– Има ситуација да се „уловат“ поради брзината. Има ситуации кога станува збор за нешто што е прејдено во мејнстрим. Тие псевдонаучни приказни се добар пример. Ако, не знам, 10 години се протуркува приказна дека „Вегета“ е штетна за здравјето оти содржи некаков отровен адитив или нешто слично, таа приказна лесно ќе се најде и во мејнстрим медиумите, макар што таа нема врска со некаква фактичка состојба. Таа едноставно потекнала од различни теории на заговор коишто во некој момент биле преведени, па добиваат локален израз во приказната за „Вегета“. Таквите работи без проблем ќе се најдат во „лајфстајл“ рубриките на мејнстрим медиумите и таму навистина се објавува сешто, а голем дел од тоа е всушност дезинформација. Не можам да кажам дека тоа се прави во сите медиуми на истиот начин. Кај некои тоа се случува затоа што немаат добри процеси на контрола на квалитетот. Кај други се случува поради брзање. Кај некои, кога станува збор за политички информации, тоа се случува со точна умисла. Ние во методологијата имаме оценка што гласи „Пристрасно известување“ и таа покажува дека извесна дезинформација или низа дезинформации не се случајни, туку се објавени во рамките на поддршка на одреден политички наратив. Со тоа, во мејнстрим медиумите, вклучувајќи ги и јавните дифузери, се среќаваме често.

Од каде доаѓаат дезинформациите според локацијата на медиумотМакедонската влада излезе со план, како што велат тие, за решителна борба против дезинформациите. Има ли во БиХ некој таков план? Колку се активни властите, без разлика дали на федерално, државно или кантонално ниво?

– Не, не постои нешто слично на кое било ниво.  Има некакви си приказни за зголемување на медиумскаа писменост, но тие се многу повеќе во граѓанското општество и во академските кругови отколку во институциите  и големо прашање е кога и како таа приказна ќе биде препозната од страна на институциите. Мислам, има тука некои придвижувања на одредени нивоа. Ми се чини дека постои некоја програма во подготовка во Република Српска. Можеби во некои кантони, но не сум сигурна. Федерацијата БиХ генерално има многу малку надлежности над образовниот систем и процесите, па е тешко да се зборува за тоа. Државата како држава нема никаква наделжност, така што на ниво на државата не постои ништо слично и прашање е дали кога било ќе постои.

На пониските нивоа има одредени изолирани чекори кон воспоставување медиумска писменост во формалниот образовен систем, но сѐ тоа е премалку, би рекла, и под минимумот што би можел да донесе некакви резултатите. Што се однесува до препознавањето на дезинформациите како конкретна тема со којашто би требало да се занимаваат институциите, навистина не гледам дека постои нешто такво. Ги имаме оние стандардни работи, од типот на Регулаторна агенција за комуникации којашто има свој кодекс на емитирање, тоа е така веќе 20 години и тука немаше никакви значајни иницијативи.

Колку граѓанскиот сектор, но и новинарската професија, знаејќи дека овие прашања, се однесуваат и на новинарството и јавната комуникација… Работат ли тие нешто, кои се нивните клучни активности?

– Во принцип, Советот за печат работи по принципот одговори на жалби. Тоа е саморегулаторно тело и нивниот делокруг е таков што жалбената комисија ги разгледува жалбите што луѓе ги испраќаат за одредени објави во медиумите, решава за нив и има некој воспоставен процес, во кој на медиумите им се кажува да објават демант, oдговор, итн. Што се однесува до систематско следење, ако зборуваме само за дезинфомациите, не знам дека постои такво нешто. Повеќе се занимаваат со говорот на омраза и слично, но со дезинформациите како феномен, не знам… Можеби и постои тоа, ама јас не знам. Ние дури имавме ситуација две лица од Управниот одбор или од Собранието, не знам точно, На Советот за печат, да имаат многу негативен став кон нас, сметајќи дека тоа што ние го правиме, fact-checking-от на медиумите што ние го вршиме, како да кажам…

Коментарите беа дека со fact-checking-от сме излегле од сферата на своите надлежности. Да се разбереме, ние немаме никакви надлежности. Во суштина, некои мејнстрим медиуми имаат негативни реакции на тоа што ние го работиме, оти едноставно не сакаат некој да го прави тоа што ние го правиме. Потоа тоа е одрази во тие коментари на Советот за печат, не како тело, туку како одредено лице, конкретно Љиљана Зураова, Дарио Новалиќ (уредник на магазинот „Старт“) во коментарите што ги кажаа во „Дневни Аваз“. Станува збор за серија текстови во „Аваз“ која, сама по себе, беше многу некоректна во смисла на кршење на новинарските стандарди.

Тие текстови на „Аваз“ самите по себе се дезинформации – ние имаме оценки и сите салтанати. Она што е интересно е дека во градењето на таа приказна – за нас беа објавени шест статии во рок од седум дена – е дека во четири од тие шест статии се користени коментари на лица како Љиљана Зуровац од Советот за печат, Борка Рудиќ од Здружението „БХ Новинари“ коишто се вклопени во изградбата на тој наратив дека ние сме некој што ги „харасира“ (малтретира) медиумите. Сето тоа, така да се изразам, беше многу интересно. Во тие статии имаше сешто. Од навреди, онака, баш простачки и на лична основа, до обвинувања за проневера на донации, за лично богатење, за некако обид за репресија врз слободата на говор, небаре сме некое државно тело, а не четиримина што работат fact-checking (проверка на факти).

Сето тоа беше бесмислено, но во тој бесмислен наратив просто упаднаа луѓе што доаѓаат од светот на медиумските здруженија. Тоа е она што загрижува, дека тие не го гледаат fact-checking –от како нешто што е корисно за нив, туку го гледаат како нешто што за нив претставува закана.

Во која мерка се известува не само во БиХ, туку и за другите земји од регионот? Дали во тоа известување се забележува користење дезинформации? Дали за Македонија, за случувањата во Македонија, се известува во БиХ, било во онлајн или во мејнстрим медиумите и дали тоа известување се злоупотребува за дезинформирање?

– Од она што ние сме го документирале и прибрале, и притоа не зборувам за комплетен приказ на Македонија во медиумите, е дека од страна на медиумите – не сакам да кажам „блиски“, туку контролирани до страна на власта во Република Српска – Македонија се користеше интензивно како дел од теоријата на заговор за преврати што се контролирани од неименувани, или именувани, западни разузнавачки служби… Тоа е нешто што тие го нарекуваа „Македонско сценарио“ и се користеше за да се дискредитира протестот што се одвиваше во Република Српска со месеци по неразјаснетото убиство на Давид Драгичевиќ… Таа приказна за „македонско сценарио“ се користеше паралелно со други приказни, за да се покаже дека „тој протест не е всушност поради тоа“, дека тој процес не го водат граѓаните и граѓанките што излегоа на улица, туку е оркестриран од странските служби, од Америка, Велика Британија и кој сѐ не. Помеѓу другото, имаше написи во коишто се изнесуваа тврдења дека агенти на странски служби, кои учествувале во македонскиот преврат сега доаѓаат тука да се консултираат со „домашните предавници“ за тоа како да се изврши преврат и да се симне власта во Република Српска, итн.

Значи, тоа беше тој наратив што едно време РТРС, СРНА, Алтернативна Телевизија, сите тие медиуми што се политички контролирани од страна на владејачките партии во Република Српска, интензивно го протуркуваа, па, едно два месеци во 2018 година.

Инаку, тоа не е нешто што се однесува само на Македонија, туку и на целиот регион. Нашата анализа покажува дека постои една своевидна мрежа од 30-тина медиуми што се сместени, 15 – 16 во Србија и 13 – 14 во Република Српска, кои константно се користат едни со други како извори и преносители на дезинформации. Политички би можеле да ги позиционираме како анти-западно настроени. Тука, да речеме, многу е активен „Спутник“, како една од фокус-точките, тука се и РТРС, која е јавен медиум, новинската агенција СРНА и низ портали, што анонимни, што не-анонимни, таблоиди што се блиски до власта во Србија…

Низ таа мрежа се создава еден цел наратив којшто вклучува интерпретација на политичката ситуација во регионот, Европа, глобално… Првенствено се пренесуваат дезинформации, не само за БиХ, туку и за околните држави и пошироко, преку таа мрежа… Ете, така иде тоа…