Теории на заговор околу уривањето на авионот во Сао Паоло

Тврдењата изнесени во објавата што ја анализираме се класични теории на заговор и чаршиски муабети, кои не се поткрепени со никакви докази или официјални изјави или соопштенија

Фото: Принтскрин видео Јутјуб

Не постојат никакви намерни сличности меѓу исчезнувањето на авионот на Малезија ерлајнс и уривањето на авионот во Сао Паоло. Тврдењата изнесени во објавата што ја анализираме се класични теории на заговор и чаршиски муабети, кои не се поткрепени со никакви докази или официјални изјави или соопштенија, пишува Вистиномер. 

Текстот го објавуваме интегрално: 

 

Анализираме објава на Фејсбук која посочува дека има сличности меѓу уривањето на патничкиот авион во Сао Паоло и оној на Малезија ерлајнс кој исчезна пред десет години.

ДАЛИ Е ОВА СЛУЧАЈНО !? СЛИЧННОСТИ СО АВИОНОТ НА МАЛЕЗИЈА ЕРЛАЈНС!!!, стои во објавата.

Објавата споделува видео на српски јазик во кое се изнесуваат низа непотврдени односно рекла-кажала информации во врска со уривањето на двата авиона. Па така, на пример, гласот во видеото тврди дека авионите биле намерно урнати за да се сокријат од јавноста големи откритија. Во случајот со авионот кој се сруши во Сао Паоло, според шпекулациите во видеото, тој бил наводно намерно урнат бидејќи во него се превезувале осум лекари онколози кои имале лек за рак. Што се однесува до авионот на Малезија ерлајнс, во видеото се повторува добро позната теорија на заговор која веќе е дебанкирана, дека во авионот имало научници кои откривале технологија за чипови, па имале некаков патент заради кој било направено да исчезнат, а зад целата работа се крие името на Ротшилд. Во видеото дури и се оди понатаму со приказната дека овие научници имале лек за сида, па се заробени на кој остров, киднапирани и како робови работат на истражувања во други полиња.

Приказните и во двата случаја немаат никаква релевантност, ниту поткрепа со некакви официјални изјави и докази. Тие се засноваат на имагинацијата на нараторот со цел да се привлече внимание кај пошироката публика.

Теоријата на заговор дека летот MH370 на Малезија ерлајнс било направено да исчезне за да може една страна да добие контрола над патент во повеќекратна сопственост, е одамна позната и истата веќе ја имаат дебанкирано проверувачите на факти на Сноупс во 2014 година, годината кога авионот исчезна.

Како што пишува Сноупс, летот 370 на Малезија ерлајнс исчезна над Јужното Кинеско Море на 8 март 2014 година со 239 лица (227 патници и 12 членови на екипажот). Неколку дена подоцна, на Интернет беше објавена теорија на заговор дека четворица од патниците на тој лет биле сите сосопственици на неодамна издаден, многу вреден патент и исчезнувањето на летот 370 било конструирано за да ги елиминира, така што преостанатите косопственици на патентот да може да ги соберат сите авторски права од него за себе. Проверката на Сноупс покажала дека ваквата теорија е невистинита.

Како што објави тогаш Ројтерс, дваесет вработени во американскиот производител на чипови Freescale Semiconductor биле патници на летот на Малезија ерлајнс, соопштиле од компанијата.

Вработените биле инженери и производствен персонал. Како што пишува Сноупс, ниту еден од нив не бил косопственик на никаков патент. Тие биле пронаоѓачи/апликанти, при што самиот патент бил доделен на компанијата „Freescale Semiconductor, Inc.“, од Остин, Тексас. Што се однесува, пак, до името Ротшилд, како што наведува Сноупс во својата анализа, не е точно дека Џејкоб Ротшилд „го поседува“ Freescale Semiconductor, па оттука и тој не може на никој начин да се поврзе со трагедијата.

Што се однесува до авионот кој се урна во Сао Паоло, точно е дека во него се превезувале шест водечки онколози и двајца медицински техничари, кои оделе на конференција за рак во Сао Паоло. Но, за тврдењето дека тие го имале лекот за рак и поради тоа авионот намерно бил срушен, нема никакви докази, ниту официјални изјави.

Теоријата на заговор дека постои лек за рак, но тој намерно не се открива за да профитираат фармацевтските компании не е нова. Мит е дека медицинската индустрија, владата и добротворните организации за рак, поради личен интерес негираат дека има лек. Ова не само што би барало голема соработка на многу засегнати страни во индустријата, туку, исто така, би значело криење на лекот од нашите блиски кои имаат рак, пишува Советот за рак на Австралија.

Што се однесува до уривањето на авионот во Бразил,  како што објави Ројтерс, последните информации се дека властите што ја истражуваат несреќата го имаат целосниот транскрипт на „црната кутија“, но нејзината содржина не ја објаснила веднаш причината за несреќата.

Транскриптот од снимачот на глас во пилотската кабина покажува дека пилотот и копилотот забележале нагло губење на висината околу една минута пред падот, објави ТВ Глобо во својата главна информативна емисија Jornal Nacional во средата вечерта, цитирајќи неименувани луѓе кои работат на истрагата, пренесе Ројтерс.

Од сето погоре можеме да заклучиме дека не постојат никакви намерни сличности меѓу исчезнувањето на авионот на Малезија ерлајнс и уривањето на авионот во Сао Паоло. Наводите изнесени во објавата што ја анализираме се класични теории на заговор и чаршиски муабети, кои не се поткрепени со никакви докази или официјални изјави или соопштенија. Поради тоа објавата ја оценуваме како неточна.