Индустриите, од производство цемент, железо и челик, до рударство, создаваат планови за ограничување и намалување на емисиите на стакленички гасови кои ја затоплуваат планетата, а многу од нив зависат од технологијата за зафаќање и складирање на јаглеродниот диоксид, која е сè уште во развој, пишува „Ројтерс“.
Постојат два главни начина на зафаќање на јаглеродот и негово складирање – едниот е преку технологијата наречена „Carbon Capture and Storage (CSS)“, која подразбира физички опфат на емисиите на јаглеродниот диоксид од индустриските процеси, што потоа преку цевковод се транспортира до местото каде што е произведен и се складира длабоко под земјата во геолошки формации како камења и карпи. Вториот начин е „директно зафаќање преку воздухот“, метод со кој преку хемиски реакции се отстранува јаглеродниот диоксид од атмосферата, на тој начин што кога воздухот се движи над овие хемикалии, тие реагираат селективно и го отстрануваат CO2, истовремено дозволувајќи им на другите компоненти на воздухот слободно да се движат.
Овие технологии, сепак, сè уште не се широко достапни и се многу скапи.
Според австралискиот институт „Global CCS“, капацитетот на CCS проектите пораснал за 48 отсто – од 75 милиони тони јаглерод диоксид годишно на крајот на 2020 година до 111 милиони тони годишно во септември годинава. Некои групи гледаат потреба од складирање на милијарди тони јаглероден диоксид до средината на овој век.
„Ројтерс“ објаснува како четирите големи индустрии кои се главни емитери на јаглерод диоксид ја корситат CCS технологијата.
Цемент и бетон
Производството на цемент и бетон сочинува околу 8 отсто од глобалните емисии на CO2. Масивните печки кои ги загреваат суровините со цел да се направи клинкер, една од клучните состојки на цементот, се одговорни за најголемиот дел од емисиите.
Глобалната асоцијација за цемент и бетон неодамна објави „патоказ“ за тоа како да се стигне до нето-нула од цемент до 2050 година и вети 10 фабрики за апсорпција на јаглеродот до 2030 година.
На вакви проекти работат најголемиот северноамерикански производител на цемент „Цемекс“ (Cemex), швајцарскиот „Холцим“ (Holcim AG) и германскиот „ХајделбергЦемент (HeidelbergCement).
Железо и челик
Процесот на производство на железо и челик е енергетски и јаглеродно интензивни поради употребата на фосилни горива, како што е јагленот, за напојување на печките, а нивното производство се зголеми во последниве години.
Според Светската асоцијација за челик, за да се постигнат целите за емисиите, треба да биде зафатен 75 отсто од јаглеродниот диоксид произведен од овој сектор на глобално ниво. Тоа би значело дека секоја година од 2030 до 2070 година би требало да бидат изградени по 14 фабрики за челик кои ја користат CSS технологијата. Во моментов, во светот постои само една голема фабрика за железо и челик која ја користи оваа технологија.
„Арчелор Митал“ (ArcelorMittal), еден од најголемите светски производители на челик, потпиша Меморандум за разбирање со француската компанија за индустриски гасови „Ер Ликвид“ (Air Liquide), за развој на технологии за зафаќање на јаглеродот со цел производство на нискојаглероден челик во своите погони во францускиот град Данкерк.
Нафта и гас
До неодамна, зафаќањето на јаглеродот произведен од фосилните горива и неговото вбризгување под земјата значеше и исцедување на повеќе нафта од старите бунари. Постојат повеќе предлози за изградба на CCS центри, но само мал дел од нив ја надминаа развојната фаза, појасува „Ројтерс“.
Денес бројни големи енергетски компании ја инкорпорираат CSS технологијата во нивните планови за намалување на емисиите, но недостатокот на пазари за тргување со јаглерод или даночни стимулации за да инвестицијата биде исплатлива, го спречуваат развојот на оваа технологија во САД.
„Оксидентал Петролеум“ (Occidental Petroleum) во моментов работи на развивање на проект за директно зафаќање на јаглеродот од воздухот (Direct Air Capture – DIC) заедно со приватната компанија „Рашин Капитал Менаџмент“ (Rusheen Capital Management). Со оваа технологија би требало да бидат извлечени околу 1 милион метрички тони CO2 од воздухот на годишно ниво, користејќи вентилатори и хемиски реакции.
„Шеврон“ (Chevron), пак, соопшти дека планира да користи технологии за зафаќање на јаглерод и негово неутрализирање за да ги намали оперативните емисии на нето-нула до 2050 година, а плановите вклучуваат складирање на приближно 25 милиони тони јаглерод диоксид годишно.
Рударство
Делови од рударската индустрија на складирањето на јаглеродот гледаат како на начин за намалување на емисиите од електраните за јаглен, главниот извор на електрична енергија во Австралија. Некои рударски компании дури проучуваат начини како при работењето да го заменат природниот гас со водород, кој не произведува емисии на јаглероден диоксид при согорување.
Советот за минерали во Австралија ги нарече производството на водород и CSS технологијата „критични важни технологии“ за земја која околу 65 отсто од својата електрична енергија ја добива од јаглен. Гасифицираниот јаглен, исто така, може да се користи за производство на водород.
„Рио Тинто“ (Rio Tinto Ltd), една од најголемите светски рударски компании, во октомври соопшти дека ќе инвестира 4 милиони долари во компанијата во приватна сопственост „Carbon Capture“, која развива технологија за апсорбирање на јаглеродниот диоксид од атмосферата и негово трајно складирање во карпите, пишува „Ројтерс“.