Театарска магија на 57-то издание на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

фото: Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“

Бројна прилепска публика и почитувачи на театарската уметност вчера присуствуваа на отворањето на 57-то издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ на платото пред Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп.

Фестивалот годинава се одржува под мотото „Враќање дома“.

Предвестие на официјалниот дел беа живите статуи на „Театроск“ и настапот на скомрахите во изведба на студентите на Факултетот за драмски уметности од Скопје.

На свечената церемонија ѝ претходеше и отворање на ретката родокрајна изложба на фотографии од важни стари изданија, како и дела од Коле Чашуле, автор во фокус на фестивалот.

Доделени беа и наградите за животно дело на доајените на македонското актерство Петар Темелковски и Петар Мирчевски.

Во големата сала од прилепскиот дом на културата публиката ја погледна првата од десетте претстави во официјалната конкуренција – претставата на велешкиот театар „Нема струја за електричниот стол“ во режија на Дејан Пројковски.

Во следниве седум дена театарската публика ќе може да ужива во најактуелното во театарот, велат организаторите на фестивалот.

На програмата на фестивалот за денеска во 12 часот напладне е предвидена првата тркалезна маса, на која ќе се разговара со тимот на велешката претстава „Нема струја за електричниот стол“ во режија на Дејан Пројковски, со која беше отворен фестивалот.

Актерката Ангела Стојановска во 17 часот, во кафе-бар „Лувр“ ќе го изведе перформансот „Срам“ во продукција на „Тиит! Инк.“, а реализирана во соработка со режисерот Милош Андоновски и драматургот Ева Камчевска.

Претставата „Мистерија Буфо“ во режија на Андреј Цветановски ќе биде изведена од театарот „Војдан Чернодримски“ во 19:30 часот. Половина час претходно во холот на Центарот за култура ќе биде отворена изложбата на костими и фотографии на Благој Мицевски.

Во 23 часот, пак, ќе настапат студентите од Факултетот за драмски уметности, со нивна дипломска претстава.