Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 го прифати барањето на Обвинителство и им ги продолжи притворите на 28 осомничени за насилствата во Собранието од 27 април, минатата година, соопштија попладнево од судот.

Со одлуката на судот, по втор пат им е продолжена мерката притвор на поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков, Богдан Илиевски – Бетмен, актерот Владо Јовановски, режисерот Борис Дамовски, пратениците Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, како и куќните притвори на Јохан Тарчуловски и Љупчо Димовски.

Судот го прифати предлогот на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција и им го укина притворот на поранешниот директор на Македонската опера и балет Игор Дурловски и на Елена Доцевска – Божиновски, службеничка во Собранието, и го замени со куќен притвор.

Кривичниот совет, исто така, на предлог на Обвинителство го укина куќниот притвор на пратеничката Жаклина Пешевска и и одреди мерки за претпазливост – забрана за напуштање на живеалиштето (градот Скопје), одземање на пасошот и забрана за приближување и воспоставување, односно одржување контакт со одредени лица.