Судењето за настаните во Диво Насеље ќе паузира еден месец

Судскиот процес за настаните во Диво Насеље, Кумановско, од 9 и од 10 мај минатата година, ќе има пауза од околу еден месец, а следното рочиште е закажно за 6 септември, велат за „Мета“ од Кривичниот суд.

И следното рочиште, како што информираат од судот, ќе биде затворено за јавноста и нема да им биде дозволено на новинарите да го следат, бидејќи сè уште не е завршено сослушувањето на заштитените сведоци, предложени од Обвинителството.

Од судот велат дека паузата е по договор меѓу адвокатите на одбраната и судечкиот совет, односно меѓу странките во постапката, и дека едномесечниот период нема да го наруши континуитетот на судењето. Според законските одредби, доколку 60 дена не се одржи ниту едно рочиште за одреден предмет, судењето треба да почне од почеток.

Инаку, последното рочиште за случајот „Диво Насеље“ пред паузата, се одржа вчера и како и претходните неколку беше затворено за јавност.

Од судот информираат дека и вчера дел од обвинетите се пожалиле на здравстевни проблеми и тврделе дека биле малтретирани, поради што била повикана и екипа на итна помош. Но, по прегледот на обвинетите, лекар констатирал дека тие можат да го следат рочиштето.

Судскиот процес против 29 обвинети во случајот „Диво Насеље“ почна на почетокот на февруари годинава. На почетокот на јуни, целиот процес почна одново откако обвинителството со овој случај го спои и предметот „Молња“, во кој осум лица се обвинети дека обезбедувале логистичка поддршка за кумановската група.

Во настаните во Куманово животите ги загубија осум припадници на специјалните полициски единици, а 37 беа ранети, додека во борбите со полицијата беа убиени 10 членови на вооружената група.