Студентите го блокираат Ректоратот, вработените чекаат во бифето

„Студентски пленум“ и Младинската организација „Мугра“ од утрово го блокираат Ректоратот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, во знак на револт за исечените дрвја во кампусот на факултетите.

„Во знак на револт, студентите на Универзитетот „Кирил и Методиј“ објавуваат прекинување на работата на Ректоратот“, најавија утрово од „Студентски пленум“.

Протестот почна уште во саботата, неколку часа откако екипи на ЈП „Паркови и зеленило“ ги исекоа сите дрвја во паркот на Универзитетот, како подготовка на теренот за изградба на новите барокни згради.

Студентите бараат Ректоратот преку своите органи да стори сè што е во негова моќ и да ја спречи изградбата на двата нови објекти. Бараат преземање на одговорност од ректорот Велимир Стојковски, а деканите на Правен, Економски, Филозофски, Филолошки и на Архитектонски факултет да излезат со став за изградбата на новите објекти во комплексот на УКИМ. Тие бараат да се свика јавна и транспарентна седница на Сенатот на УКИМ, на која ќе присуствуваат делегати од „Студентски пленум“ и од „Мугра“.

„Нагласуваме дека ние, студентите, не ја спориме ургентната потреба од соодветни просторни капацитети за обезбедување достоинствени услови за студирање и ја подржуваме идејата за изградба на нови објекти. Подготвени сме да учествуваме во наоѓање соодветно решение на овој проблем, кое нема да ја наруши автономијата на Универзитетот, ќе ги задоволи сите урбанистички и проектантски стандарди, нема да ја загрозува животната средина и ќе го афирмира студентското достоинство“, стои во соопштението на „Студентски пленум“ и на „Мугра“.

Студентите велат дека Ректоратот ќе го блокираат до крајот на работното време и најавуваат дека со блокада ќе продолжат сè додека не се исполнат нивните барања. Административните службеници вработени во Ректоратот моментно се сместени во бифето. Ректорот Стојковски е на службено патување.