Стратешка средба на Мицкоски и Агелер: САД со нова опрема за поддршка на армијата

Амбасадорката Агелер заедно со премиерот Христијан Мицкоски оддадоа почит на армијата, а премиерот и се заблагодари за целокупната поддршка од стратешкиот партнер, САД

Фотo: Влада на РСМ

Денеска амбасадорката на САД Анџела Агелер даде поддршка за модернизација на македонската Армија. Таа заедно со премиерот Христијан Мицкоски оддадоа почит на армијата, а премиерот и се заблагодари за целокупната поддршка од стратешкиот партнер, САД.

Мицкоски искажа голема благодарност до припадниците на македонските вооружени сили, а рече и оти се надева дека во периодот којшто следи Армијата ќе се модернизира и ќе обезбеди можност таа да одговори на предизвиците за новото време.

Тој ја потенцираше соработката која ќе следи во партнерството со САД, а се надева дека соработката ќе продолжи и во другите министерства како што е МВР, но и онаму каде што е потребна современа опрема за да може да се одговори на предизвиците.

Освен во делот на МВР, тој не го изостави делот за модернизација на управувањето со кризи бидејќи моментално земјата се соочува со голем број на шумски пожари кои не може да се изгаснат поради дефицитот со опремата за гаснење пожар.

„Потребни ни се дронови, потребно ни е рано детектирање и превенција за да не дојде потоа до ескалација, а таа ескалација може да доведе до несогледливи последици“, рече Мицкоски.

Тој најави оти очекува Владата да се фокусира и на овој тип на „осовременување и модернизација, да не биде тоа само за офанзивни и одбранбени причини, туку да биде и за транспорт, справување со кризни состојби како оваа со пожарите“.