Средба на раководството на СДСМ со Едвард Ауер

Средба на претседателот на СДСМ, Зоран Заев со директорот на Директоратот на ЕУ за Западен Балкан, Едвард Ауер

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, заменик претседателката Радмила Шекеринска и претседателката на Комисијата за европски прашања Лидија Димова, денеска во седиштето на партијата се сретнаа со Едвард Ауер, директор на Директоратот на ЕУ за Западен Балкан.

Тема на разговорот била актуелната политичка криза во Република Македонија.

Според партиското соопштение, дипломатот од ЕУ се интересирал за шансите за дијалог помеѓу власта и опозицијата.

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, го пренел ставот на партијата и на членството за неучество во парламентот и ја објаснил потребата на државата за отворање на петте теми што ги предлага СДСМ како излез од ситуацијата по, според социјалдемократите, нерегуларните двојни избори.

– Имаме широка и непоколеблива поддршка од граѓаните на Македонија, дека опозицијата треба да опстои на донесените ставови. Тоа го покажаа сите масовно посетени трибини што ги имавме досега, на коишто разговараме со граѓаните за проблемите во државата. Инсистираме на договор на механизми што ќе обезбедат практична гаранција на сè што евентуално ќе се договори. Имаме цврсти аргументи зошто оваа власт нема легитимитет повеќе самостојно да организира избори. СДСМ, како одговорна партија, има обврска да ја врати слободата и демократијата во Македонија – соопшти претседателот Заев.