Утре се одржуваат вонредни парламентарни избори во Србија, по неполни две години, а граѓаните ќе избираат 250 пратеници во српскиот парламент. За парламентарните избори доставени се 18 листи со 2.818 кандидати за пратеници.
Гласање ќе има и на покраински избори во Војводина како и на локални избори во 65 градови и општини.
Републичката изборна комисија соопшти дека вкупниот број на гласачи во Србија за парламентарните избори на 17 декември е 6.500.165, а ќе се гласа на вкупно 8.273 места. Вкупниот број на гласачи во Белград е 1.613.190 и тие ќе гласаат на 1.198 избирачки места.
Први кои поднесоа изборна листа е коалицијата на владејачката Српска напредна странка (СНС), партијата на претседателот Александар Вучиќ. Кандидат за градоначалник на Белград од оваа партија ќе биде досегашниот градоначалник Александар Шапиќ.
„Самиот претседател не се кандидира на изборите – тој го доби вториот мандат минатата година. Но, сè се врти околу него. Секоја изборна листа на СНС, дури и во најмалото село, го носи неговото име. Белградскиот неделник „Време“ го опишува Вучиќ како „крал на просјаците“ – тој се претставува како човек од народот кој дели пари, а освен тоа гради патишта и железнички линии и отвора работни места. Обвинувањата на опозицијата гласат дека Вучиќ управува со балканската земја со железна рака и маневрирање меѓу ЕУ, Русија и Кина“, пишува во анализата на Дојче Веле за претстојните избори во Србија.
Според анализата, анкетите покажуваат дека СНС е во предност спроти гласањето. Дури и ако партијата веројатно нема да оствари убедлива победа, тоа треба да биде доволно да се продолжи со коалицијата со социјалистите и помалите партнери.
Широката проевропска коалиција „Србија против насилството“ сака да го достигне второто место. Таа се изроди за време на масовните протести по двете масовни убиства во мај 2023 година кои длабоко ја шокираа земјата. Оваа коалиција го обвинува Вучиќ и неговите медиуми дека преку одвратни реални шоуа, сеат атмосфера на насилство, вклучително и навреди кон опозицијата. Дел од анкетите покажуваат и декаопозициската коалиција „Србија против насилството“, има големи шанси да победи на локалните избори во Белград.
Републичката изборна комисија најави серија прес-конференции за време на изборниот ден.
Првото обраќање е планирано за 8 часот, додека првите податоци за излезноста ќе бидат објавени во 11:05 часот. Покрај тоа, прес-конференции се закажани за 13:05 часот, 15:05 часот, 17:05 часот и 19:05 часот. Гласачките кутии се затвораат во 20 часот.