Владата ќе бара дополнителна – меѓународна истрага за настаните во Диво Насеље од 9 и 10 мај 2015 година, за да се дознае вистината за овој настан, изјави денеска министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски во касарната „Ѓорче Петров“, каде беше извршено примопредавање на донација од Словачка за граничната полиција.

– Во однос на кумановските настани ќе кажам две работи, прва работа е дека тој случај добива некаква судска разврска, меѓутоа ние како Влада презедовме обврска дека ќе направиме дополнителна и тоа меѓународна истрага, се со цел на еден соодветен начин јавноста да ја дознае вистината за овој настан и за она што се случувало во делот на кумановските настани и согласно на таа истрага да имаме една постапка во која што ќе веруваат мнозинството граѓани на Република Македонија – изјави Спасовски.

Инаку, судскиот процес за случајот „Диво Насеље“ е во завршна фаза и наскоро се очекува пресуда за 37-те обвинети за тероризам и терористичка организација.

Во настаните во Куманово загинаа осум припадници на безбедносните сили, а околу 40 беа повредени. Целиот случај го следат многу контроверзи кои сè уште не се разјаснети.