Фото: Влада на РСМ

Полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал  и Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР во соработка со Јавен обвинител од ОЈО Скопје сузбија криминална група, чии членови- вработени во Управните служби на МВР, злоупотребувајќи ја службената положба издавале македонски патни исправи злоупотребувајќи туѓ идентитет, информираше министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Тој додаде дека поддршка за истрагата беше дадена и од страна на Регионалната канцеларија за безбедност и истраги при амбасадата на САД во Скопје, како и Генералниот секратаријат на ИНТЕРПОЛ Лион и ИНТЕРПОЛ Скопје.

„По добиени криминалистичко-разузнавачки информации и превземени дополнителни полициски оперативни мерки, во 2019 година од страна на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал воспоставена е криминалистичка истрага за службени лица вработени во Управните служби на МВР како референти за управни работи и контролори, кои ја злоупотребувале својата службена положба и овластувања, со тоа што издавале македонски патни исправи за лица странски државјани, употребувајќи туѓ идентитет на државјани на Република Северна Македонија, кои до моментот на издавањето не поседувале биометрски лични документи. Службените лица делото го извршиле на начин спротивен на одредбите од Постапката за издавање на патни исправи, визи и евиденција од Законот за патни исправи на државјаните на РСМ, со што овозможиле на вкупно 215 лица- од кои 214 странски државјани и еден македонски државјанин да се стекнат со македонска патна исправа под туѓ идентитет. Како поддршка на криминалната мрежа било и лице кое не поседува службени овластувања туку е посредник помеѓу барателите на патни исправи со лажен идентитет и службените лица,“ изјави Спасовски.

Притоа преку меѓународна полициска соработка преку Регионалната канцеларија за безбедност на САД, како и Генералниот секратаријат на ИНТЕРПОЛ Лион и ИНТЕРПОЛ Скопје, било утврдено дека во еден дел станува збор за лица кои се членови на меѓународни организирани криминални групи, нарко-картели, лица инволвирани во други сериозни кривични дела односно дека станува збор за лица со профил од висок ризик и лица за кои е објавена меѓународна потерница со други идентитети.

Од страна на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до ОЈО Скопје ќе биде поднесена кривична пријава против десет лица (од кои девет се приведени) и тие во текот на утрешниот ден ќе бидат предадени на надлежното обвинителство.

Спасовски обвини дека при реализацијата на оваа акција се соочиле и со обид за саботажа која не успеал.

„Директно од политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот претседател Христијан Мицковски беа пласирани информации во врска со истрагата со што директно можеше да се загрози сè што беше сработено од нашите полициски службеници, но и од стратешките партнери и Интерпол. Откако овие обиди беа пресретнати, се продолжува со лажни вести, дека наводно оваа акција била почната во периодот кога министер беше Наќе Чулев, а дека потоа МВР не преземала ништо. Ова е целосна невистина, директно поврзана со обидот да се саботира акцијата на полицијата. Оваа обемна акцијата е започната уште во 2019 година,“ додаде Спасовски.

Според ВМРО-ДПМНЕ, „Спасовски и Заев се на врвот на аферата „Мафија“, тие овозможиле логистика за нарко – босови, а одговорноста ја префрлија на обични службеници.“

„Според информациите од билтен на МВР Седат Пекер бил протеран од Македонија на 19-ти јануари годинава, а четири дена потоа се сликал за лична карта во полициска станица. Како Пекер кој бил протеран, дошол повторно во Македонија, каде и како ја поминал границата, и како е возможно да помине преку цело Скопје незабележан? Не е возможно Пекер кој го гледавме на социјалните мрежи како низ Скопје се шеташе со 20 луѓе обезбедување, да помине низ Скопје, а МВР за тоа да не знае. Иста е и ситуацијата и со Јован Вукотиќ. Кој поминал неколку граници со македонска патна исправа, а на сведочење во суд во Белград, кажал дека истиот го добил легално од МВР,“ се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.