Советниците на Општина Центар со 12 гласа „за“, одлучија да распишат референдум за изгледот за Градскиот трговски центар. Советниците од СДСМ гласаа „за“, а единаесетмината советници на ВМРО-ДПМНЕ гласаа воздржано. Прашањето што ќе биде поставено на референдумот ќе гласи „Дали сте за тоа да се задржи автентичниот изглед на ГТЦ?“. Референдумот ќе се случи на 26 април од седум до 19 часот, а за тој да биде успешен, треба да има 50 проценти плус еден од запишаните гласачи во општина Центар.
Претходно седницата беше прекината поради извици на негодување од присутните граѓани на обраќањата на советниците на ВМРО-ДПМНЕ.
– ГТЦ бара негување, реновирање, реконструирање, а притоа да не изгуби од концептот и од функцијата. Проектот за менување на изгледот на ГТЦ значи нагрдување на суштитната на објектот. Мора инвеститорот што ќе го реконструира објектот да ја знае суштината и што ГТЦ значи за граѓаните. Немаме ништо против реконструкција на ГТЦ, но притоа мора да се задржи неговата автентичност затоа што објектот претставува културно наследство – рече Даница Павловска од Асоцијација на архитекти.
Таа додаде дека референдумот е најдемократскиот начин за решавање на проблемите на граѓаните и е нешто што му овозможува на граѓанинот да биде свесен за својата моќ.
На почетокот на седницата, градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски, рече дека 80 отсто од граѓаните и 17 невладени организации го поддржуваат референдумот како можност за изразување.
– Да ги оставиме партиските интереси настрана и одлуката што ќе ја донесеме да биде во интерес на граѓаните – рече Жерновски.
Советничката група на СДСМ на почетокот на седницата позитивно се изјасни за референдумот, а од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ рекоа дека не се против референдум, но дека тој треба да биде на повисоко ниво.
Жерновски рече дека проектот „Скопје 2014“ бил донесен на Советот на Општина Центар и дека за тоа не биле прашани граѓаните.
– За референдумот внимателно беа разгледани законите и сега на ред се граѓаните да одлучат. Јасен е мојот, вашиот став, ставот на Владата. Но, тоа се ставови на партии, политичари, институции. Финалниот став треба да го кажат граѓаните – рече Жерновски.
На седницата беа присутни 23 членови на Советот, а во дворот на Општината се собраа граѓани кои ја поддржуваат иницијативата „Го сакам ГТЦ“.