Состанок на фокус-групата за Дримскиот проект ќе се одржи во Охрид

Првиот состанок на фокус-групата на македонска страна во рамките на Глобалниот еколошки фонд (ГЕФ) за Дримскиот проект ќе се одржи на 27 октомври во хотелот „Аквалина“ во Охрид.

Целта на состанокот е истражување на проблематичните точки во управувањето со Дримскиот Басен, приоретет на истите и дискусија за моменталните состојби и влијанија. Исто така, ќе бидат идентификувани заинтересираните страни што влијаат или трпат влијанија од прекуграничното управување со Дримскиот Басен.

– Дримскиот проект досега е најсложениот процес за управување на водените ресурси во кој се балансираат интересите на многу сектори и воедно е еден силен политички процес во кој учествуваат пет држави од тој регион. Главните цели се подготвување на прекугранична дијагностичка анализа на басенот, подготвување на стратешки акционен план и развивање на заедничка платформа за соработка, заеднички надзорен систем, систем за управување со поплави и пилот-проекти, меѓу кои и изработката на план за управување со сливот на Охридско Езеро – вели националниот координатор на ГЕФ Дримски проект, Дејан Пановски.

Пановски учествуваше и на 40. сесија на Комисијата за светско културно и природно наследство на УНЕСКО, која се одржа во Париз. На средбата беше разговарано за компонентите на интегриран менаџмент, како начин кој ги поврзува природните и културните богатства во Охрид.

ГЕФ Дримскиот проект почна со активна имплементација во мај годинава.