СОНК бара Заев да им се извини на синдикатите

Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) денеска реагираше на повикот на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, сите синдикати да се приклучат во народниот фронт на опозицијата. Од СОНК бараат извинување од Заев затоа што, како што велат, синдикатите не требало политички да дејствуваат.

Според СОНК, членовите на синдикатот сакаат кризата во Македонија да заврши што побргу.

„Ја известуваме целокупната македонска јавност дека сме зачудени од изјавата на претседателот на СДСМ во врска со неговото повикување на синдикатите во некаков народен фронт, кој ќе го формирал. Изјавата на Зоран Заев е невиден преседан во политичкото дејствување, не само во нашата земја, туку и пошироко во демократска Европа. Преседан, кој не се случил уште од времето на болшевизмот“, пишува во соопштението на СОНК.

Од СОНК порачуваат дека синдикатите имаат своја област на дејствување, која не е партиска политика.

Синдикатите од Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија и синдикатите од Сојузот на синдикати на Македонија, бараат Заев да се извини бидејќи, според нив, упаднал во основите на демократското општество.

„Ваквиот преседан на Зоран Заев може да предизвика огромни социјални и економски последици и затоа лидерот на СДСМ мора да престане со секакво мешање во работата и во дејствувањето на синдикатите во Република Македонија. За ваквото незаконско дејствување на лидерот на СДСМ ќе ги известиме сите синдикални организации на европско и на светско ниво, во кои се членки синдикатите од Република Македонија“, се вели во соопштението на СОНК.