Собранието денеска се активира по 12 денови пауза

Со две закажани пленарни седници и три седници на комисии, Собранието на Република Македонија денеска се активира првпат по 8 февруари, кога се одржаа последните комисиски или пленарни активности.

На денешните седници не е ставен предлог-законот за употреба на јазиците, за кој долго се кршеа копја.

На дневниот ред се второто продолжение на 26-тата седица на Собранието, на која треба да се расправа за Предлог  на  закон за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, по скратена постапка. Потоа ќе се одржи 34-тата седница, на која прва точка е изборот на потпретседатели на Собранието на Република Македонија, а треба да се расправа и за оглас за избор на нови членови на Државната изборна комисија (ДИК), на предлог на пратеникот Антонијо Милошоски.

Ќе се расправа и за други точки, меѓу кои Предлог на закон за дополнување на Законот за судовите и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за заштита на укажувачи, во второ читање.