Со швајцарски пари, нови туристички содржини на Слатинско Езеро

Со пари од Швајцарската агенција за развој и соработка, општина Дебрца ќе изгради пешачка патека, паркинг и ќе постави три летниковци и повеќе клупи на Слатинско Езеро.

За тоа се предвидени 20.000 швајцарски франци, како дел од проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“, што го имплементира Министерството за локална самоуправа и Кабинетот на заменик претседателот на Владата, задолжен за економски прашања.

Следна задача ќе биде по завршената санација на браната да се изврши чистење на езерото од вегетацијата и да се врати неговата природна убавина.

Општина Дебарца аплицираше и за грант за набави инфо киоск пред општинската зграда, во село Белчишта, со текстови и фотографии на туристички атракции во општина Дебрца, со превод на содржините на англиски јазик. За тоа на оваа општина ќе и припаднат дел од 40.000 швајцарски франци, кои инаку треба да бидат поделени и на општини Дебар, Вевчани и Македонски Брод.