Со фабрикувано интервју се злоупотребува премиерот Мицкоски за да се измамат граѓаните

Премиерот Мицкоски не дал интервју во кое презентирал како се заработува со помош на апликација за тргување со криптовалути, ниту пак, Народна банка го тужи за тоа

Фото: Принтскрин ФБ пост

Премиерот Мицкоски не дал интервју во кое презентирал како се заработува со помош на апликација за тргување со криптовалути, ниту пак, Народна банка го тужи за тоа. Ниеден медиум не извести за никакво апсење на Мицкоски, напротив медиумите интензивно известуваат за неговите секојдневни активности. Сета фабрикација е направена за да се изманипулираат корисниците на Фејсбук да ги испразнат нивните банкарски сметки за 250 евра, откако ќе бидат доведени во заблуда дека тоа е некаква „инвестиција поттикната или поддржана од Мицкоски“, пишува Вистиномер. 

Текстот го пренесуваме интегрално:

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува темплејт од веб-страницата МКД.мк и на него е намонтирано невистинито „интервју“, за кое се тврди дека го дал премиерот Христијан Мицкоски и дека потоа порди тоа интервју, наводно бил уапсен.

Освен темплејтот на МКД.мк кој се (зло)употребува за да се намамат корисниците на социјалните мрежи да пристапат до линкот, се (зло)употребуваат и кадри и фотографии од гостување на Мицкоски во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 телевизија. Содржината на интервјуто е комплетно фабрикувана, измислена и не кореспондира во ниеден дел со реалното интервју.

На англиски јазик, најнапред е споделена информација дека „Христијан Мицкоски е уапсен откако кажал нешто во телевизиско интервју“, што, исто така, не се случило. Тоа се потврдува од многу очигледни факти, меѓу кои тоа што ниеден медиум нема известено за никакво апсење на Мицкоски. Напротив,  медиумите интензивно извстуваат за неговите активности. Истиот ден кога е споделена невистинитата објава што ја рецензираме, Мицкоски даде интервју кое може да се види на овој линк.

Сета фабрикација е направена за да се изманипулираат корисниците на Фејсбук да ги испразнат нивните банкарски сметки за 250 евра, откако ќе бидат доведени во заблуда дека тоа е некаква „инвестиција поттикната или поддржана од Мицкоски“. Но, ниту Мицкоски дал вакво интервју во кое презентирал како со помош на апликација за тргување со криптовалути се заработува, ниту пак, Народна банка го тужи поради тоа, како што невистинито се тврди во објавата

Никогаш немало интервју на Мицкоски во кое тој кажал, како што невистинито се тврди во објавата, „дека ако Гоце Михајловски го исече интервјуто во делот каде тој ја открива тајната за богатење, ќе му плати над 1,2  милиони денари“. Ниту пак, за 20 минути заработил 2.900 денари во емисија во живо која била „прекината“.

Дополнително, се користат маркетинг-трикови на ургентност, односно се манипулираат граѓаните да веруваат дека оваа „понуда“ е итна и неодложна, дека ќе биде отстранета од интернет и дека се „многу среќни што успеале да налетаат на неа во најскор можен рок“. Сите овие фабрикувани реченици се дел од лажен и манипулативен маркетинг, со цел да се доведе во заблуда граѓанинот дека „инвестира“ и тоа не мала сума, туку 250 евра, кои всушност ќе му бидат одбиени од картичката и ќе остане без нив.

За таа цел се злоупотребени политичар, новинар, телевизија, интернет портал, на кои им се накалемени лажни тврдења кои никогаш не ги дале. Невистинито се сугерира апсење на Мицкоски, како и дека „Народна Банка се јавила во емисијата во живо и итно ја прекинала“, иако ни тоа не се случило.

Поради сите горенаведени факти, објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.