Слободен влез за второто издание на „Get EXITed“ во Струмица на 7 септември

Струмичкиот „Get EXITed“ го организира тимот на фестивалот „ЕГЗИТ“ во соработка со Општина Струмица

фото: Општина Струмица

Втора година по ред во Струмица ќе се одржи настанот „Get EXITed“ на кој ќе настапат светски и регионални музички имиња. Второто издание на спектаклот кој е дел од популарниот фестивал „ЕГЗИТ“ што се случува во Нови Сад во Србија, ќе се одржи на 7 септември во Градскиот парк во Струмица, каде свои настапи ќе имаат популарниот продуцент, пејач, текстописец и диџеј Џон Њуман, турскиот диџеј Бурак Јетер и Констракта од Србија.

Организаторите на еднодневниот фестивал најавуваат и други имиња кои ќе бидат дополнително објавени.

Влезот на „Get EXITed“ е бесплатен за сите посетители. Организаторите информираа дека минатата година спектаклот во Струмица го посетиле повеќе од 20.000 луѓе.

„Минатогодишното издание навистина ги надмина сите очекувања, за време на настанот немаше слободно сместување во околината на Струмица, туристите дојдоа од целиот регион, а на 7 септември со најголемите глобални и регионални имиња продолжуваме во уште посилен ритам“, најавува основачот и директор на „ЕГЗИТ Фестивал“, Душан Ковачевиќ.

Струмичкиот „Get EXITed“ го организира „ЕГЗИТ“ тимот во соработка со Општина Струмица.

Струмичкиот градоначалник Костадин Костадинов рече дека е голема честа што Струмица по вторпат е домаќин на овој музички настан.

„Испишуваме нова страница на Струмица, стануваме препознатлива музичка дестинација на Балканот преку која го афирмираме целокупното наше општинско богатство, културно – историското наследство, европските вредности и туристичкиот потенцијал“, рече Костадинов.