Скопје и Тетово повторно се задушуваат

Загаденоста на воздухот во Скопје и во Тетово утринава е на многу високо ниво. Во Скопје, концентрацијата на канцерогените ПМ10-честички, измерена во 10 часот, изнесува 240 микрограми на еден кубен метар , што е речиси петпати повеќе од дозволните 50 микрограми. Во Тетово, ПМ10-честичките утрово достигнаа до 500 микрограми на еден кубен метар, што е 10 пати повеќе од дозволеното.

Многу високо ниво на ПМ10-честичките е забележано во скопските населби Центар, Гази Баба, Лисиче, на мерната станица Ректорат, Тетово, Битола и во Велес. Во Карпош, Миладиновци и во Кичево, ПМ10-честичките се на високо ниво, а во Кочани и во Кавадарци се на средно ниво. Во Центар и во Карпош има високо ниво и на ПМ2,5-честички.

Во случај на надминување на прагот од 50 микрограми на еден кубен метар на ПМ10-честички и во пет последователни дена, Министереството за животна средина и просторно планирање издава предупредување да се користи јавниот превоз, возилата да не се користат без поголема потреба, повеќе лица да се возат со едно возило во исто време, за затоплување на простории да не се користи каков било синтетички материјал и правилно да се користат печките на дрва.