Штрајк на вработените во струшкото јавно претпријатие „Проаква“

Поради неисплатените плати и придонеси, вработените во Јавното претпријатие „Проаква“ од Струга почнаа штрајк.

Вработените се жалат дека ваквиот проблем датира од поодамна. Со задоцнување ги земаат платите и придонесите, поради што немаат ниту лекување ниту, пак, можат да врзат крај со крај во месецот.

– Со ваков проблем ние вработените соочуваме со години. Здравствените картони ги земавме со доцнење од три-четири месеци, а еве веќе седми месец ги немаме и нив. Платата ја добиваме дел по дел, ама не стигнува за ништо – вели Блерим Ага, вработен во претпријатието, чија дејност е водоснабдување и одржување на колекторскиот систем за заштита на Охридско Езеро.

Протестот е спонтан и не се организира преку синдикатот.

– Чекавме долго време, но никако да се случи тоа, затоа решивме спонтано да се организираме ние вработените и да го изразиме напшиот револт поради неземањето плати и неисплаќањето придонеси – појаснува Ага.

Според најавите, штрајкот на вработените во струшкото претпријатие „Проаква“ ќе продолжи и во текот на наредните денови. Вработените велат дека ќе штрајкуваат сè додека не се исполнат нивните барања за исплата на заостанатите плати и придонеси.