„ВМРО-ДПМНЕ призна дека има купено огромен партиски имот низ цела Македонија. Станува збор за 63 објекти, на различни локации, со вкупна квадратура од близу 12.000 квадратни метри, во најголем дел купени во 2014 година. Овој имот на партијата на власт вреди повеќе од 11 милиони евра. Тоа се 685 милиони денари за партиски простории на ВМРО-ДПМНЕ“, обвини денеска на прес-конференција портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.

– Додека граѓаните мака мачат со сиромаштијата, нискиот стандард и не можат да обезбедат покрив над глава, ВМРО-ДПМНЕ се расфрла со милиони за своите партиски седишта. Во Центар, на плоштадот Пела, во Скопје, ВМРО-ДПМНЕ купила имот вреден речиси половина милион евра. Во Битола, вредноста на партискиот имот изнесува повеќе од 260.000 евра, додека во Влае, нивниот имот е вреден повеќе од 230.000 евра. Имотот што партијата го поседува во Охрид е вреден 200.000 евра, во Кочани и во Штип повеќе од 120.000 евра за секое, а во Кавадарци повеќе од 100.000 евра. Градежната вредност на партиското земјиште во Скопје, споменикот на сите споменици од криминалот на Никола Груевски, изнесува повеќе од 700.000 евра, а според закон политичките партии се непрофитабилни организации. Како ВМРО-ДПМНЕ успеала да стекне имот вреден повеќе од 11 милиони евра. Јасно е дека додека се крадела државата, се богатела не само фамилијата, туку и партијата – рече Шилегов.

Според портаролот на СДСМ, ова е уште една причина зошто Груевски го крши Договорот од Пржино и се плаши од враќањето на правдата. Шилегов вели дека на Груевски треба да му е јасно дека бегање од одговорност за неговиот криминал, личен, фамилијарен, изборен, партиски ќе нема.

Одговарајќи на новинарски прашања, Шилегов рече дека на Никола Груевски часовникот му отчукува, а опозицијата за своите чекори дополнително ќе ја извести јавноста.

На прашањето дали изборите ќе се одложат, Шилегов одговори дека фер и демократски избори ѝ се потребни на Македонија, но не сакаше да прецизира дали на средбите на работните групи воопшто станало збор за ова прашање.