Шест нови случаи на туларемија

Шест нови случаи на туларемија официјално биле пријавени во Институтот за јавно здравје, а сите пациенти се во стабилна здравствена состојба. Во Oвчеполско се регистрирани пет случаи на заболени од туларемија, од кои четворица во Каратманово и едно лице во село Лозово.

– Овие случаи се пријавени од јануари досега. Надлежните центри за јавно здравје веќе направија увиди во семејствата и направија дератизација на куќите и на училиштата во овие подрачја – вели д-р Јованка Костовска од секторот за превентивна здравствена заштита при Министерството за здравство.

Епидемиолозите велат дека во земјава официјално има девет случаи на лица болни од туларемија, од кои три во Арачиново, едно лице во скопската населба Кисела Вода и пет лица во општината Лозово.

Туларемијата е акутна инфективна болест од која заболуваат и луѓе и животни, а е предизвикана од бактерија. Ова заболување припаѓа на групата природно-жаришни инфекции. Симптомите кај заболените се зголемена температура, треска, потење, интензивни главоболки, болки во целото тело и општа слабост. Болеста трае помеѓу две и четири недели.

За човекот да може да се зарази од туларемија, доволен е директен контакт на кожата или на слузницата со ткива или со крв на заразени животни при дерење, сечење месо, подготвување јадења или само допир.