Шекеринска: Добра власт е контролирана власт која се плаши од судот на граѓаните

Заменик претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, во своето обраќање на Меѓународната конференција „Обезбедување на базичните услови за демократска Македонија“, која се одржа денеска во „Холидеј ин“, рече дека нема да дозволат на изборите во 2016 година да се случи истото што се случувало на претходните избори.

Таа рече дека пред само неколку дена Уставниот суд потврди дека контролата на власта врз овој дел од државата продолжува. Уставниот суд, според Шеќеринска, прифати иницијатива да го разгледува Законот за помилување со кој претседателот на државата може да дава помилување и во случај на изборни кражби.

– Крадеш избори, нема амнестија. Лошата вест беше дека Уставниот суд покажа дека контролата продолжува. Добрата вест е што граѓаните во Македонија покажаа дека веќе нема да се согласат со такво однесување. Македонија мора да го реши проблемот со избирачкиот список. Тоа е проблем кој долги години ја мачи Македонија и тоа е услов без кој не се може. Кога ја слушавме денешната наша колешка на панел-дискусијата, слушнавме паралели и со Таџикистан и мене увото сè уште ми реагира зашто тоа не е држава со која Македонија сака да се споредува. Реалноста е сурова. Македонија е позиционирана на листата на медиумски слободи помеѓу Таџикистан и Мали и тоа не е друштво кое одговара на земја која пред 10 години, стана земја-кандидат на Европската Унија – рече Шекеринска.

Заменик претседателката додаде дека треба да се одржат фер и демократски избори, но дека тоа што доаѓа по изборите е потешко. Таа рече дека ќе треба да се рехабилитира системот на правната држава и на вредностите.

– Добра власт може да биде само контролираната власт, власта која не е со безгранична контрола и власт која не ги плаши граѓаните, туку се плаши од нивниот суд. Сметаме дека ова е битка во која сите заедно вреди да се бориме – изјави Шекеринска.