Секој случај на насилство врз дете е премногу

Мари-Пјер Поарие, регионален директор на УНИЦЕФ за Централна и Источна Европа

Мари-Пјер Поарие, регионален директор на УНИЦЕФ за Централна и за Источна Европа, на регионалната конференција на тема „Зајакнување на системите за заштита на децата за да се заштитат децата од запоставување, злоупотреба, насилство и од експлоатација“, која се одржува во Минск, Белорусија, вели дека секој случај на насилство врз децата е премногу.

Според неа, владите треба да инвестираат во кампањи за подигнување на свеста и развој на капацитетите за да се изгради култура на нулта толеранција за насилството врз децата.

– Сите ние – како креатори на политики, граѓани и родители – треба да го разбереме насилството и неговите последици. Сите мора да бидеме дел од решението. Да почнеме со тоа што ќе го прекинеме молкот – изјави Поарие.

Македонија на конференцијата е застапена со делегација составена од претставници од Министерството за труд и социјална политика и од Канцеларијата на народниот правобранител.