Седумнаесет загинати во судири во Јемен

Најмалку 17 борци загинаа вo Јемен во судирите со бунтовничките и провладините сили, соопштија денеска јеменските власти во Аден. Бунтовниците денеска одбележуваат две години од заземањето на главниот град Сана.

Борбите се интензивираа во Јемен откако на 6 август пропаднаа мировните преговори меѓу шиитските бунтовници Хути и владата, која има поддршка од Саудиска Арабија.

По 18-часовните борби на југозападот на земјата, загинаа 13 бунтовници и четири припадници на провладините сили, изјави јеменски воен претставник.

Во Јемен војуваат меѓународно признаената влада и шиитските бунтовници, Хути, сојузници на поранешниот претседател Али Абдулах Салех, кој ја има поддршката на Иран.

Најмалку 6.200 лица загинаа, а околу 275.000 се ранети во судирите кои почнаа во март 2015 година, а во бегство се повеќе од 2,5 милиони луѓе.

Борбите продолжуваат и покрај примирјето и мировните преговори со посредништво на ОН, кои пропаднаа минатиот месец.