Сè уште беснеат пожари на Корчула и на Пељешац

Стотици пожарникари и припадници на хрватската војска цела ноќ на Корчула и на Пељешац се бореа со пламената стихија, меѓутоа пожарите се сè уште активни на повеќе локации, јавуваат хрватските медиуми.

Огнот сè уште гори во Пониква, на непристапен терен во ридовите, а отворен пламен има и на Корчула. Локалното население очекува брзо пристигнување на авионите „канадери“, дознава порталот „Индех.хр“ од жупанискиот центар 112.

Во местото Пијавичино, во кое во текот на вчерашниот ден огнот опасно се приближи до куќите, утринава веќе нема отворен пламен.

Откако вчера огнот ги  проголта далекуводите на повеќе локации, без струја се делови од Трстеник и од Пијавичино.

Според информациите на Државната управа за заштита и спасување, со огнената стихија на Пељешац и на Корчула се борат околу 150 пожарникари, припадници на сите пожарникарски станици од подрачјата на Дубровничко-неретванската жупанија, од Сплит, Шибеник и од Задар, со помош на 50 припадници на Хрватската копнена војска на Вооружените сили на Република Хрватска.

Површината на двата пожара надминува 500 хектари.