Се гори странски отпад бидејќи домашниот не се селектира на „Дрисла“

Притисокот на јавноста која бара одговори каков отпад се увезува во државата и на каков начин тој се уништува деновиве ги разбуди надлежните кои почнаа со вонредни контроли на границите на камионите кои пренесуваат отпад за горење (РДФ) во скопската цементарница „Титан – Усје“, но и граѓанските здруженија за борба против загадувањето.

За утре се најавени два настани: протест пред Собранието, организиран од „Петоци за иднината“ (Fridays for future), а паралелно Министерството за животна средина организира посета на Дрисла за еко-здруженијата заедно со скопскиот градоначалник Петре Шилегов, а ќе има и прес конференција во врска со темата за отпадот. На 5 февруари екологистите од  „Движењето за чист воздух“ велат дека ќе ја блокираат цементарницата.

„Ова е обид да се забошоти вистинската состојба во која државата не обезбедила вистинска контрола на загадувачите. Се кочи воведувањето на автоматски мониторинг во реално време, прикачено на веб страницата на Министерството, па ние од иницијативата „Движење за чист воздух“ се решивме на отпор против најголемите загадувачи, трујачи на животната околина“,  вели Тони Никушевски од „Движењето за чист воздух“.

Тој смета дека предлогот за забрана за увоз на отпад нема да донесе подобрување на состојбите со загадувањето туку само ќе влијае неповолно на стопанството.

Државниот инспекторат за животна средина во координација со Министерството за животна средина и просторно планирање и Царинската управа, вчера извршиле вонреден инспекциски надзор на 11 камиони  со отпад (RDF) од Италија, чија крајна дестинација е Цементарницата УСЈЕ која поседува дозвола за користење на RDF отпадот како алтернативно гориво. Камионите се запрени на влез на граничниот премин Богородица. Вкупна количина на отпадот е 261 тон.

„Титан УСЈЕ“ е една од двете компании која им дозвола за согорување на отпад.

Цементарницата увезува отпад бидејќи пропадна идејата во неа да се согорува домашен отпад, конкретно отпад кој сега завршува на „Дрисла“, велат во Министерството за животна средина.

„Титан сега не гори само РДФ, гори и домашен отпад. Нам ни е тоа и цел, а тоа е и тренд во светот, и најдобра достапна технологија, Цементарницата да го гори нашиот отпад, бидејќи согорувањето во печки со висока темепература е најбезбеден начин за решавање на проблемот со отпадот. Се разбира не целиот отпад туку одредени фракции од отпадот“, вели Ана Каранфиловска Мазнева, раководител на секторот за отпад на МЖСПП.

Според Мазнева, доколку сега веќе бившиот инвеститор на „Дрисла“ ги изградеше најавените содржини – инсенертор, компостара, пречистителна станица, постројка за согорување на индустриски отпад, постројка за третман на градежен отпад, односно долку имаше селекција на отпадот, „Дрисла“ како депонија на скопскиот плански регион ќе имаше доволни количества на РДФ за да ја опслужува Цементарницата со отпад за горење за тие проценти кои Министерствогто ги дозволило.

„Но, Дрисла не ги изгради потребните капацитети и затоа „Титан“ смета дека има право да увезува отпад, затоа настана таа дискрепанца инаку ништо не е нелегално“, појаснува Мазнева.

Во интервјуто за „Мета.мк“ министерот Нуредини појасни дека увезениот отпад за горење во Цементарицата е класификуван во склад со прописите на ЕУ, проверуван на граница и дека скопската цементарница во моментов добива само 5 проценти од енергијата од согорување отпад, а дозволата која ја имаат од 2013 година дозволува да согоруваат до 20 проценти.

Што се однесува до составот на отпадот кој се согорува, тој во моментов се контролира само според шифрите на увозните декларации бидејќи во Македонија во моментов нема ниту една лабораторија која детално може да го анализира. Државната лабораторија на Министерството, која треба наскоро да го отпочне процесот за акредитација на методи за испитување на квалитетот на воздухот, нема да биде акредитирана за испитување на отпадот.

„Во моментов постои само една приватна лаборторија која е акредитирана за некои методи за карактеризација на отпадот, но не за сите“, вели Мазнева.

Вчера при вонредната контрола на увезениот отпад за Цементарницата , мостри од отпадот биле доставени до  Хемиската лабораторија на РЖ Техничка Контрола во некогашна Железарница, како и до Истраженниот центар за животна средина во Естонија.