СДСМ: Волонтерите се уценуваат со сигурни три гласачи

Фотографија од кратка телефонска порака упатена до волонтерите од Јавното претпријатие „Исар“ и од Клиничката болница од Штип, покажаа пред новинарите штипските социјалдемократи на денешната прес-конференција.

„Ве молам да ми ги пратите луѓето кои ги најдовте за акцијата 1+3 со име и презиме и бр.на телефон. Сега засега нема да се потпишуваат пристапници. Списокот потоа треба да го препратам до… (прецртано име).“, се вели во пораката.

СДСМ обвини дека волонтерите, кои се без решение за работа, се уценети од ВМРО-ДПМНЕ и раководителите од нив бараат да достават списоци со три лица кои својот глас ќе го дадат за оваа партија.

– Почитувани вработени и волонтери во „Исар“ и во Клиничката болница во Штип и сите вие на кои раководителите ви бараат присилно да доставите списоци со лични податоци и со телефонски броеви на три лица што ќе гласат за ВМРО-ДПМНЕ, ве повикуваме да се охрабрите и да доставите докази за тоа – изјави претседателот на СДСМ во Штип, Владимир Милошев.

Милошев цитираше дел од законот со кој се предвидува казна затвор или парична казна за секој што ќе изврши притисок врз вработени во јавната и во државната администрација.