СДСМ: Менаџментот на телевизија „Телма“ да ја преиспита својата одлука

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија со голема загриженост ја прими веста дека 12 вработени во телевизија „Телма“ се прогласени за технолошки вишок, со одлука на менаџментот на овој медиум – се вели во соопштението на СДСМ.

Понатаму се додава дека „менаџментот на телевизијата, како раководство на угледен, релевантен и респектабилен медиум, треба да се произнесе и во детали да ја објасни причината за оваа одлука.“

Особено што станува збор за професионални новинари докажани во својата долгогодишна работа.

– Го повикуваме раководниот тим на телевизија „Телма“ да ја преиспита својата одлука и да ги разгледа сите можности што им стојат на располагање, да се донесе соодветно решение кое ќе биде во интерес на новинарите, во согласност со заштитата на нивните законски права и обврски – се додава во соопштението.

Решение, кое според нив, нема да се одрази на квалитетот на програмските содржини на телевизијата и медиум којшто ужува углед помеѓу граѓаните.