САД: Загрижени сме за политичките превирања во Македонија

Американската влада со загриженост ги следи политичките превирања во Македонија, со аферата за прислушување и случајот „Пуч“, изјави портпарол на Стејт департментот, пренесе „Гласот на Америка“.

Официјален Вашингтон смета дека настаните покренале сериозни прашања за македонските граѓани, но и за меѓународните пријатели и партнери на Македонија.

Стејт департментот ги повикува македонските власти да се придржуваат до највисоките стандарди на правната држава, транспарентноста, заштитата на слободата на говорот и судската независност, како и да обезбедат интегритет на демократските процеси во Македонија. Според оцената на портпаролот, ова е можност македонските парламентарни, судски и владини институции да покажат дека можат да одговорат на овој предизвик и да го почитуваат законот во сите инстанци, како и да обезбедат транспарентност, праведност и еднаков третман на сите свои граѓани.

За извештаите во македонските медиуми дека САД, во контекст на политичката ситуација, би можеле да поништат визи на македонски политичари, судии, новинари, бизнисмени и други лица за кои постојат сомневања за корупција, перење пари и за кршење на човековите права, американскиот владин претставник укажува дека во согласност со американскиот закон, може да придонесат да не се издаде или да се повлече една виза и дека таквите информации се јавно достапни на Интернет-страницата на Бирото за конзуларни прашања на Стејт департментот.

Тој наведува дека ваквото давање информации, во согласност со американскиот закон, за механизмите за повлекување визи, не значи и дека Амбасадата се заканила дека ќе одзема визи или, пак ,дека шпекулира за некаква постапка во иднина. Според него, за секоја молба за виза се решава посебно, од случај во случај, во согласност со американските закони и американската влада не може да дискутира за поединечни случаи затоа што визните податоци, повторно во согласност со законите, се доверливи.