Руско-американска новинарка осудена на 6,5 години затвор за наводно ширење лаги за руската армија

Портпаролот на судот во Казан изјави дека Курмашева била осудена во петокот, истиот ден кога судот во Екатеринбург го осудил новинарот на Волстрит журнал Еван Гершкович на 16 години затвор за шпионажа

Photo by Malicki M Beser on Unsplash

Рускиот суд ја осуди Алсуа Курмашева, руско-американска новинарка на Радио Слободна Европа (РСЕ) на шест и пол години затвор за ширење дезинформации за руската армија, соопшти денеска Канцеларијата за односи со јавноста на судот.

Портпаролот на судот во Казан изјави дека Курмашева била осудена во петокот, истиот ден кога судот во Екатеринбург го осуди новинарот на Волстрит журнал Еван Гершкович на 16 години затвор за шпионажа.

Курмашева, мајка на две деца, е новинарка која живее во Прага и е приведена во родниот руски регион Татарстан од 18 октомври. Таа претходно беше накратко уапсена во јуни минатата година, додека се обидела да лета од Русија откако ја посетила нејзината мајка.

Судот првично ја прогласи за виновна затоа што не се изјаснила дека има американски пасош, што се бара според руските закони, и ја казни со парична казна. Тогаш била обвинета дека не се регистрирала како „странски агент“, за што новинарката изјавила дека не се чувствува виновна.