Руската окупација на Херсон заврши, украинската војска влезе во градот

Извор на фотографија: Укринформ

Украинската војска денеска влезе во градот Херсон, додека граѓаните на улиците од овој град се поздравуваат со украинските војници. Серхи Клан, член на регионалниот совет на Херсон, е првото украинско официјално лице коешто призна дека градот Херсон е речиси под целосна контрола на украинските вооружени сили, пренесува Си-ен-ен.

На социјалните мрежи веќе се објавуваат првите видеа и фотографии од локални жители со украински знамиња, кои се поздравуваат со украински војници и го прославуваат ослободувањето на Херсон, пренесува Укринформ. Цивили и украински војници може да се забележат и на главниот Плоштад на слободата во Херсон, каде што веќе се вее украинското знаме.

Сите светски медиуми ги пренесуваат информациите на руското Министерство за одбрана дека руската војска утрово извршила целосно повлекување на нивните трупи од десниот на левиот брег на реката Днипро, каде што ги поставиле новите одбранбени позиции, пренесува Гардијан.

Сепак, украинските власти се многу внимателни при навлегувањето во регионалниот центар на Херсонскиот регион, наведувајќи дека постои можност руски трупи да останале во градот во цивилна облека. Украинското воено разузнавање информираше дека некои војници можеби биле оставени за време на наредбата за повлекување, а постојат стравувања дека тие се вооружени. Воедно, треба да се изврши целосна контрола над градот за да се утврдат локациите каде што евентуално се поставени мини или други експлозивни направи.

Украинските власти изминативе денови предупредија дека руската војска при повлекувањето ги разнела сите мостови што се наоѓале на окупираните територии на десната страна на реката Днипро, а утрово објавија податоци дека руските сили активирале експлозив во електраната во Херсон и уништиле дел од ТВ антената во градот.

Со најновиот пораз на Русија, нивните сили ја изгубија контролата и врз единствениот регионален центар којшто го освоија од почетокот на руската инвазија на Украина на 24 февруари. Руската војска најпрво беше приморана да се повлече од Кијив и од североисточниот дел на Украина, откако нивната војска не успеа да го заземе украинскиот главен град и североисточните регионални центри Чернихив и Суми. Откако на почетокот од воената агресија не успеа да го освои Харкив, руската војска кон средината на септември беше поразена од украинските сили и беше протерана од Харкивскиот регион.