Русија поставува антиракетен систем С-400 во базата во Сирија

Русија ќе постави систем за противракетна одбрана С-400 во својата воздухопловна база Хмеимим во Сирија, по соборувањето на нејзиниот авион на турско-сириската граница, објави денеска руското министерство за одбрана.

Поставувањето на антиракетниот систем претставува комплетирање на новите безбедносни мерки што синоќа ги најави рускиот Генерал-штаб.

Како што е најавено, рускиот антиракетен крстосувач „Москва“ ќе биде поставен во близина на северозападната провинција Латакија, а руските бомбардери во иднина ќе летаат со заштита од ловци.

Турската воена авијација вчера собори руски тактички бомбардер „су-24“. Анкара тврди дека леталото го нарушило нејзиниот воздушен простор кај турско-сириската граница, додека Москва тврди дека авионот летал само над територијата на Сирија.