Ристовски: Нема пролонгирање, наставата завршува на 10 јуни

„Нема пролонгирање на учебната година, наставата завршува на 10 јуни“, изјави за „Мета“ заменик-министерот за образование и наука, Спиро Ристовски, по информациите дека поради изборите за неколку дена подоцна е поместeно и екстерното тестирање.

Имено, како што нè информираа наставници, екстерното тестирање годинава ќе почне на 9 јуни, а ќе заврши на 14 јуни, што е поместување од речиси цела недела. Само за споредба, минатата година екстерното тестирање се одржа од 2 до 10 јуни.

Со сето ова, велат наставниците, се поместува и учебната година, затоа што се пролонгираат и датумите за жалби. Целиот процес со екстерното тестирање, според измените, треба да заврши на 15 јули, кога сите резултати треба да бидат внесени во системот.

Според „Календарот за организација на учебната 2015/2016 година во основните училишта“, подготвен од Министерството за образование и наука, второто полугодие почнува на 20 јануари, а завршува на 10 јуни 2016 година, а летниот распуст почнува на 11 јуни 2016 година.