Режисерката Котевска ќе одржи свечен говор за филмови на Фестивалот во Венеција

Ексклузивниот настан „Лајтс камера импакт“ („Lights camera impact), секоја година кани три светски реномирани автори чие последователно творештво се филмови, кои имаат потенцијал да влијаат на општеството и да ја менуваат свеста на луѓето за одредени важни социјални теми

Фото: Агенција за филм

Филмската режисерка Тамара Котевска е првата авторка од Македонија која е поканета на ексклузивен настан во рамките на Фестивалот во Венеција, да одржи свечен говор зафилмови, кои имаат моќно социјално влијание и прават општествена промена, каде и официјално ќе ја најави премиерата на нејзиниот нов долгометражен документарен филм „The Walk“.

Како што информираат во Агенцијата за филм, настанот во Венеција ќе се случи на 1 септември во 19 часот. Ексклузивниот настан „Лајтс камера импакт“ („Lights camera impact), секоја година кани три светски реномирани автори чие последователно творештво се филмови, кои имаат потенцијал да влијаат на општеството и да ја менуваат свеста на луѓето за одредени важни социјални теми.

„Првата ваква потврда за авторката се случува на филмскиот фестивал Санденс во САД, во 2019 година, каде една од трите награди кои ги освои филмот „Медена земја” беше наградата за Влијание за промена. Овојпат, оваа потврда се случува на Венеција Биенале, за новиот филм на режисерката, кој го следи пеколниот пат на бегалците од Сирија до Англија и кој го открива лицемерието на Европа во тој процес на „одење” од земја во земја. На настанот авторката ќе одржи говор за моќта на филмот како медиум, да прави промена во општеството, со што ќе ја најави светската премиера на нејзиниот нов документарен филм „The Walk“, која ќе се случи во ноември оваа година“, наведено е во соопштението од Агенцијата за филм.

Како главен продуцент на филмот „The Walk“ се потпишува една од најголемите филмски компании за документарни филмови во Англија, Греин медиа, која зад себе има многу награди, меѓу кои и неколку оскари.

„Позади неа стојат познати оскаровски имињата како Орландо Ајсиедл, Стефан Далдрај, Трејси Стјуарт. Филмот е поддржан и од македонската Агенцијата за филм како малцинска копродукција, а како македонски ко-продуцент се јавува ОХО продукција“, додаваат во Агенцијата.

Дикректорот Бојан Лазаревски вели дека ова е успех од светски рамки, авторот да биде еден од тие кои можат со своите дела да влијаат во општеството, во светот.

„Драго ми е што Агенцијата за филм застана позади новиот проект на Котевска. Ова е уште една потврда дека жените автори имаат поинаков сенс и простап кон документарниот филм“, рече Лазаревски.