Репортери без граници: Македонија најдобра од земјите во регионот, дезинформациите остануваат проблем

Иако новинарите не работат во непријателско опкружување, раширените дезинформации и недостатокот на професионализам придонесуваат за опаѓање на довербата на општеството во медиумите, што ги изложува независните медиуми на закани и напади, стои во извештајот на Индексот за слободата на медиумите

Фото: Принтскрин, Репортери без граници

Македонија годинава се искачи за две места погоре според Индексот на слобода на медиумите на „Репортери без граници“, со што е рангирана најдобро од земјите во регионот. Земјава се наоѓа на 36 место, што е за две места подобор од 38-то место што го имаше претходната година.

Мета.мк преку инфографик ги претставува сите рангирања од 2013 година досега според Индексот на слобода на медиумите, за С.Македонија и за соседните држави.

Сепак, во извештајот, во делот за С.Македонија се нотираат и одредени недоследности во однос на медиумската сфера. Нагласени се дезинформациите и недостатокот од професионализам, како и извесни понижувачки ставови кон новинарите од страна на владини функционери.

„Иако новинарите не работат во непријателско опкружување, раширените дезинформации и недостатокот на професионализам придонесуваат за опаѓање на довербата на општеството во медиумите, што ги изложува независните медиуми на закани и напади. Понатаму, владините функционери имаат тенденција да имаат лоши и понижувачки ставови кон новинарите“, се наведува во извештајот на Репортери без граници.

Таму се нотира дека иако телевизијата е доминантен извор на информации, онлајн медиумите играат важна улога.

„Сепак, мора да се направи разлика помеѓу професионални онлајн редакции кои вработуваат новинари и објавуваат оригинална содржина, и поединечни портали кои прават плагијати и копираат содржини“, се вели во извештајот.

Понатаму, како што пишува, поради силната политичка поларизација, медиумите можат да бидат под притисок на властите, политичарите и бизнисмените и на национално и на локално ниво.

„Двете најголеми партии (на власт и во опозиција) создадоа паралелни медиумски системи врз кои го вршат своето политичко и економско влијание. Јавниот радиодифузен сервис нема уредувачка и финансиска независност“, стои во извештајот, во делот посветен на С.Македонија.

Посебен дел е посветен на SLAPP тужбите, кои, според Репортери без граници, служат како инструменти за заплашување и притисок врз независните медиуми. Тука е наведена пресудата за клевета, во 2023 година, на медиумот ИРЛ „за истрага од општ интерес кој постави опасен преседан“.

„Новиот закон со кој повторно се овластуваат националните и локалните власти да се рекламираат во медиумите во приватна сопственост, ја зголеми загриженоста за можното поврзано ширење на влијание“, се вели во извештајот.

Таму се додава дека социјалните медиуми и дигиталната сфера генерално го фаворизира ширењето на дезинформации и сајбер-заканите.

„Во комбинација со ниските професионални стандарди, тие придонесуваат за опаѓање на довербата на јавноста во медиумите и го отвораат патот за напади врз новинари врз основа на пол, етничка или религија“, пишува во извештајот на Репортери без граници.

Индексот на слободата на медиумите и натаму го предводи Норвешка, потоа Данска и Шведска, а најлоша е ситуацијата во Еритреја, која го презеде дното на листата од Северна Кореја. Меѓу десетте земји каде што слободата на медиумите е најниска се и Кина, Иран, Авганистан и Сирија.

Од земјите во регионот, Босна и Херцеговина падна на овогодинешната листа и сега е на 81 место, Србија е на 98 место, Црна Гора е на 40, Хрватска на 48 место, а Словенија на 42. Од земјите на ЕУ, послаб индекс на слободата на медиумите имаат Романија, Бугарија, Кипар и Грција, која според овој критериум е на 88-то место, најлошо во Унијата.

Албанија е на 99 место, а Косово на 75 место.

Репортери без граници ја издвојуваат Аргентина со новиот претседател Хавиер Милеи, која падна за 26 места, од 40 на 66 место и пишува за „спектакуларната мимикрија на руските репресивни методи“ низ Источна Европа и Централна Азија, вклучително и во Србија, каде што „провладините медиуми емитуваа руска пропаганда, а властите им се закануваат на руските новинари во егзил“.