Ректорот Стојковски задоволен од поканата за средба од Министерството за образование

Претседателот на Интеруниверзитетската конференција и ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Велимир Стојковски, изрази задоволство што Министерството за образование и наука ја прифати поканата за заедничка средба во врска со предложените реформи во високото образование.

„Универзитетите во Република Македонија како членки на Европската асоцијација на универзитетите, Светската асоцијација на Универзитетите и како потписници на Magna Charta Universitatum, секогаш се залагале за квалитетно образование во согласност со европските и со светски стандарди. Оттука, како академска заедница, секогаш сме биле и ќе бидеме отворени и подготвени за разговор и за дебата за сите прашања во насока на подобрување на квалитетот на високото образование“, стои во соопштението упатено по повод поканата што денеска Владата на Република Македонија и Министерството за образование и наука ја упатија до Интеруниверзитетската конференција на Република Македонија.