Реформите во енергетскиот сектор се важни за економскиот развој, оцени Пешевски

Реформите во енергетскиот сектор се еден од клучните фактори за економски пораст и за развој на земјата и на регионот, истакна заменик-претседателот на Владата, Владимир Пешевски, кој е домаќин на состанокот на министри за енергетика на земјите од Западен Балкан вклучени во Берлинскиот процес, а кој се организира во соработка со Европската комисија.

– Имплементацијата на т.н. меки мерки кои произлегуваат од „Патоказот за електрична енергија“, во земјите од Западен Балкан ќе го забрзаат креирањето на регионалниот пазар за електрична енергија, за да се остранат постојните законски и регулаторни бариери и да се унапредат институционалните капацитети неопходни за функционирањето на овој пазар во согласност со Договорот за енергетска заедница и релевантните ЕУ-прописи – изјави Пешевски.

Тој додаде дека искористувањето на потенцијалите за електрична енергија од хидро-извори ќе има голема улога во постигнување на поставените заеднички цели на земјите од регионот.

– Оваа конференција е шанса да го презентираме успехот на нашето регионално партнерство и ќе осигури дека сме во добра насока во исполнувањето на целите што ги имаме пред нас до самитот во Трст оваа година – заврши Пешевски.

На состанокот учествуваа еврокомесарот Јоханес Хан, министрите задолжени за секторот енергетика од Западен Балкан, директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница, Јанез Копач, како и претставници од меѓународни финаниски институции, Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), Европската инвестициона банка (ЕИБ) и банкарскиот концерн KfW, во рамките на Програмата за регионална енергетска ефикасност (РЕЕП) и Фондот за зелен раст (GGF – Green for Growth Fund ), преку кои ќе се финансираат проекти што ќе се реализираат во регионот.