Расте бројот на нови случаи на пертусис, осуммина од новозаболените се во болница

Ова е зголемување од 54,8 отсто за само една недела

Фото: Unsplash/engin akyurt

Нови 48 случаи на голема кашлица се евидентирани во изминатата недела, соопштија денеска во Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Ова се повеќе случаи на неделно ниво, споредено со претходните неделни извештаи на ИЈЗ, кога беа евидентирани од 20 до 30 случаи неделно.

„Ова е зголемување од 54,8 отсто во споредба со претходниот седмодневен период. Осум пациенти се хоспитализирани. Во однос на географската дистрибуција, најголем дел од случаите се пријавени во епидемијата во Скопје, а пријавени се и 8 случаи од Куманово, 3 случаи од Тетово, по 2 случаи од Кратово, Гостивар и Битола и еден случај од Прилеп.  Возраста на заболените се движи од 1 месец до 70 години, а најголем број на случаи се од возрасната група од 0-4 години. 33 лица се некомплетно вакцинирани, невакцинирани или имаат непознат вакцинален статус, 9 се комплетно вакцинирани и шест се вакцинирани согласно возраст“, наведено е во извештајот на ИЈЗ.

Заклучно со 11 јули, во РСМ се регистрирани вкупно 905 случаи на голема кашлица. Тоа е неколкукратно зголемување на бројот на заболени во однос на изминатиот петгодишен период (2019-2023 година), кога се регистрирани вкупно 10 случаи.