Распишан конкурсот за наградата „Роман на годината“ за 2023 година

Наградата „Роман на годината“ се состои од паричен износ од 150.000 денари, статуетка и плакета

фото: Фондација за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“ (март 2023)

Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“ го распиша годинашниот конкурс за наградата „Роман на година“. Право на учество на конкурсот кој ќе трае од денеска па до 15 јануари догодина, имаат романите кои за првпат се објавени на македонски јазик во 2023 година.

Наградата „Роман на годината“ се состои од паричен износ од 150.000 денари, статуетка и плакета.

Според правилата, кандидатите се обврзани да достават по пет примероци од романот, кои не се враќаат, во читалницата „Славко Јаневски“ во Скопје (улица „Димитрие Чуповски“ бр.23/1-1), секој работен ден од 12 до 20 часот или пак по пошта на адреса на Фондацијата, бул. „Кузман Јосифовски Питу“ 19/6-40, Скопје.

Пожелно е романите да се достават и во електронска верзија на адресата [email protected].

Одлуката за добитникот на наградата, петчлената жири-комисија е обврзана да ја донесе најдоцна до 15 март 2022 година, а следниот работен ден да ја објави на прес-конференција.

Наградата „Роман на годината“ се доделува по 25-ти пат. Минатата година ја доби романот „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ на Влада Урошевиќ.