Наградата „Роман на годината“ му припадна на Влада Урошевиќ

Македонскиот писател Влада Урошевиќ за романот „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“, ја доби книжевната награда „Роман на годината“ за 2022 година.

Објавувањето на добитникот на наградата се одржа денеска во кафе-книжарницата „Буква“, а за изборот на книжевната награда одлучуваше жири-комисијата во состав: Симона Јованоска, Гоце Ристовски, Илир Ајдини, Сашо Кокаланов и Катерина Богоева.

Награденото дело е седмиот роман на Урошевиќ, а освен што е едно од неговите најобемни дела, препознатливо е по долгиот наслов.

Во најтесниот избор за книжевната награда за 2022 година влегоа и авторите Венко Андоновски за делото „Папокот на светлината“, Живко Грозданоски за „Писмо за Глорија“ и „Столб што пее“ од Томислав Османли.

Книжевната награда „Роман на годината“ ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.