„Рајанер“ го намалува бројот на летови од Лондон поради Брексит

Најголемата европска нискобуџетна авиокомпанија „Рајанер“ денеска најави дека ќе го намали бројот на летови од лондонскиот аеродром „Станстед“ и дека ќе се фокусира на пораст на прометот на аеродромите надвор од Британија, по изненадувачката одлука на Велика Британија да ја напушти Европската Унија.

Измената на деловната стратегија ја најави генералниот директор Мајкл Олери, во рамките на претставувањето на резултатите на компанијата за првиот квартал од годинава. Во периодот април-јуни, нето-профитот на ирскиот „Рајанер“ пораснал за четири отсто, на 256 милиони евра, а компанијата превезла 31,2 милиони патници, за 11 отсто повеќе во однос на истиот период минатата година.

Резултатите се должат на просечната цена на авиобилетите од 39,92 евра, што е за 10 отсто помала цена во однос на истиот период во 2015 година.

Директорот на „Рајанер“ соопшти дека одлуката која Британците ја донесоа на 23 јуни е „изненадувачка и разочарувачка“ и дека ќе ја погоди побарувачката на потрошувачите.