Работилница и предавање за дизајн на игри утре во Скопје

Идејата е дa се разбуди фантазијата кај децата да истражуваат и да увидат дека можат да ги развиваат своите идеи во реални проекти

Фото: Унијата на македонски асоцијации во креативните индустрии

Работилница и предавање за деца за дизајн на игри и основи на креирање видео игри, ќе се одржат утре (13 јуни) со почеток од 16 часот, во просториите на „Base 42“, во рамките на проектот „Видео игротека“. Работилницата и предавањето се наменети за деца од 6 до 14 годишна возраст, а идејата е дa се разбуди детската фантазија за децата да истражуваат и да увидат дека можат да ги развиваат своите идеи во реални проекти.

Предавањето и работилницата ќе ги води Дарио Стојанов, ко-основач на Codelii и ко-основач и директор на Нобел Ккрсеви Македонија, иновативно училиште за креирање видеоигри. Стојанов има освоено различни награди на национално и меѓународно ниво во сферата на програмирање, роботика и социјални иновации.

Еден од проектите кој може да се истакне е „SpeakOut by Andrometa“ мобилна апликација за ментално здравје наменета за адолесценти, која освои прво место на глобалниот натпревар поддржан од УНИЦЕФ.

Во рамките на проектот „Видео игротека“ ќе се реализира и кинопрограма со проекција на неколку филмови за деца. На 15 јуни во Кинотека на Северна Македонија и киното „Милениум“, ќе се одржи проекција на детскиот германски филм „Младиот Винету и изгубените биволи“ синхронизиран на македонски јазик. Уште една проекција е закажана за 29 јуни на детскиот германски филм – „Луси гангстерката“, синхронизиран на македонски јазик во Кинотека.

Проектот „Видео игротека“ е во организација на Унијата на македонски професионални асоцијации во креативните индустрии УМПАКИ Скопје, во соработка со Асоцијацијата на македонската индустрија за видео игри – МГИ Скопје, а е поддржан од Министерството за култура на Р.С Македонија.