Путин му даде руско државјанство на воениот злосторник Ратко Самац

Ратко Самац, поранешен офицер во Југословенската народна армија, се бара во Босна и Херцеговина под обвинение за воени злосторства поврзани со протерувањето на несрпските цивили од босанскиот град Кључ во 1992 година. Најмалку 150 бошњачки цивили беа убиени во овој погром

ФОТО: Russian Presidential Press Service

Рускиот претседател Владимир Путин неделава го потпиша указот за доделување руско државјанство на поранешниот војник на босанските Срби Ратко Самац, кој е обвинет за воени злосторства во 1990-те години, пишува Политико.

Ратко Самац, поранешен офицер во Југословенската народна армија, се бара во Босна и Херцеговина под обвинение за воени злосторства поврзани со протерувањето на несрпските цивили од босанскиот град Кључ во 1992 година. Најмалку 150 бошњачки цивили беа убиени во овој погром.

Тој е осомничен и за тројно убиство во Бања Лука во 1993 година, според босанските власти.

На 9 јануари, Путин му додели руско државјанство на Самац, кој наводно живее во Русија од 1999 година. Во 2016 година, Русија го одби барањето на Сараево за екстрадиција на Самац поради здравствени причини.

Меѓу другите странци на кои им беше доделено руско државјанство, беше и американскиот боксер Кевин Џонсон, кој се бореше со шампионот во тешка категорија Виталиј Кличко, кој е сега градоначалник на Кијив.

Русија претходно им додели државјанство на низа познати личности од западните земји, вклучувајќи ги американскиот актер Стивен Сигал и францускиот актер Жерар Депардје.