Прв ден на Демократската национална конвенција: Хилари Клинтон зборуваше за „стаклениот плафон“, Бајден ја спомена Газа

Клинтон истакна дека конечно е дојдено време за жена да биде на чело на САД, а Бајден, одговорајќи на про-палестинските демонстранти во и пред салата, рече дека со право се загрижени бидејќи „премногу невини луѓе умираат на двете страни“

Фото: Gage Skidmore from Peoria, AZ, United States of America, CC BY-SA 2.0, Lawrence Jackson, Public domain, The White House, CC BY 3.0 US, via Wikimedia Commons

Вчера започна Демократската национална конвенција во САД. Таа важи за најголемата средба на Демократската партија, каде официјално се номинира претседателскиот кандидат, меѓу другото, пренесува „Асошиејтед прес“.

Претседателот Џо Бајден во својот опширен говор даде ретроспектива на својот мандат, го критикуваше републиканскиот кандидат за претседател Доналд Трамп и со полн ентузијазам го повика американскиот народ да гласа за потпретседателката Камала Харис на претстојните избори. Самата Харис ненајавено се појави – таа го прегрна Бајден и го пофали неговиот „историски“ мандат.

На конвенцијата држеше говор и Хилари Клинтон, првата жена да биде номинирана за претседателски кандидат од голема политичка партија во САД, која изгуби на изборите против Доналд Трамп во 2016 година.

Клинтон во својот говор неколкупати алудираше на кршењето на „стаклениот плафон“, позната метафора за надминување на пречките со кои жени се соочуваат при обидите да стигнат до повисоки позиции во општеството. Таа рече дека нејзините гласачи направиле неколку „пукнатини“ во плафонот кога излегле во толкав број да гласаат за неа во 2016 година. Клинтон рече дека очекува да ја види Харис на „другата страна“ на плафонот.

Дополнително, Клинтон го критикуваше Трамп, истакнувајќи ги обвиненијата за кривични дела против него.

За време на конвенцијата, која се одржа во Чикаго, имаше протести на улиците. Демонстрантите се бунеа против американската финансиска и воена поддршка на Израел при нивната офанзива во Газа, каде бројот на загинати неодамна се искачи до 40.000. Неколку демонстранти влегоа и во салата – тие имаа транспаренти на кои пишуваше „Престанете да го вооружувате Израел!“. Други членови на публиката ги тргнаа тие транспаренти од нив.

Бајден ја спомена војната во Газа, велејќи дека тој ќе продолжи да работи на тоа да се постигне мир во регионот.

„Демонстрантите на улиците имаат поента. Многу невини луѓе се убиени на двете страни“, рече американскиот претседател.

Прогресивната конгресменка Александрија Окасио Кортез исто зборуваше за Газа, која ја поздрави Харис и тоа што таа „неуморно работи за да се постигне примирје и да се вратат заробените заложници во Израел“.

Демократските говорници исто така посочија дека нивната партија е подобро подготвена да се справи со коронавирусот. Бајден истакна дека кога тој станал претседател, државата била во економска криза поради пандемијата, а тој успеал да ја воздигне економијата на завидливо ниво за време на својот мандат.

Демократската партија на конвенцијата исто така сакаше да покаже дека стои зад работничката класа, особено на Републиканската национална конвенција говореше Шон Обрајен, претседателот на познатиот и моќен синдикат на возачи на камиони. Обрајен во својот говор не изрази поддршка за Трамп, туку ја искористи приликата да ги критикува двете големи партии за нивниот однос со синдикатите.

Обрајен не говореше на ДНЦ, но затоа беа присутни шест претседатели на други синдикати. Шон Фејн, претседателот на синдикатот на возачи, скандираше „Трамп е штрајкбрехер!“, и носеше маица на која ги пишуваше тие зборови.

На конвенцијата беше присутен Џеси Џексон, афроамерикански активист и политичар, за кој се смета дека е заслужен за поплочување на патот за други Афроамериканци да влезат во политика. Џексон, кој беше дијагностициран со паркинсонова болест во 2017 година, дојде на сцена во својата количка. Харис го нарече „еден од најголемите патриоти во Америка“.